„Златен објектив“ за тонскиот снимател и монтажер Глигор Паковски за 2014 година, за исклучителен придонес во македонската кинематографија …
Филмскиот работник – тон снимател и монтажер Глигор Паковски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2014 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Одлуката ја донел Управниот одбор на Кинотеката, а беше соопштена на прес-конференција денеска.
Наградата на Паковски му ја врачи директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска-Илиевска, која му се заблагодари за се што направил за македонската кинематографија.
Паковски потенцира дека наградата претставува круна за неговите 60-тина години работа на филм.
Играниот филм „Волча ноќ“ и документарниот „Ритам и звук“ се првите задачи на Паковски. Филмографијата на Глигор Паковски е обемна, својот авторски придонес го дава во 24 играни и во повеќе од 150 документарни филмови. Соработувал со повеќе режисери – Димитрие Османли, Љубиша Георгиевски, Коле Неделковски, Бранко Гапо, Кирил Ценевски, Антонио Митрикески… Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои две златни арени за тон на Филмскиот фестивал во Пула, две златни плакети на Југословенскиот фестивал за документарен и краткометражен филм, како и на републичките награди „11 Октомври“ и „13 Ноември“.
Ѓоргоска-Илиевска информира дека ќе бидат домаќини на 70. конгрес на Меѓународната асоцијација на филмски архиви, кој ќе почне на 4 мај, а ќе трае до 10 мај. Првите два дена, 5 и 6 мај се посветени на стручен симпозиум кој е на тема 100 години од Првата светска војна. Ќе има 21 излагање на осум сесии. Досега, како што рече, има пријавено 200 делегати од целиот свет, од 80 филмски архиви.
Во киното „Милениум“ ќе се одвиваат филмски проекции, секој ден, од 18.30 часот и ќе завршуваат по полноќ.
– Ќе бидат прикажани исклучително вредни, ретки, значајни тонски остварувања кои ни простигнаа од целиот свет. Тоа се филмови поврзани со темата, со Првата светска војна, рече Ѓоргоска-Илиевска и додаде оти ќе бидат прикажани и филмови снимени пред 90 години.
Во истиот период ќе бидат прикажани и дел од филмските остварувања на Паковски.