Гитаристот Дарко Багески вечер на „Охридско лето“

По синоќешниот роденденски спектакл на Немања Радоловиќ и „Ѓаволските трилери“ на Античкиот театар, „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на македонскиот уметник на гитара Дарко Багески …

Darko-Bageski

Багески своето образование го почнува во Скопје, матурира во Загреб, а дипломира во Вајмар (Германија). Постдипломските студии ги завршил во Солун, во класата на професорот Костас Коциолис. За време на школувањето учествувал на многубројни меѓународни стручни семинари и посетил мајсторски курсеви кај еминентни професори и педагози по класична гитара. Во текот на кариерата остварил многубројни солистички настапи во Македонија, Хрватска, Грција, Германија, Шведска, САД и други земји.

Тој се јавува и како претседател на Здружението на класични гитаристи на Република Македонија, член е на повеќе интернационални жири-комисии, а значајна е и неговата улога во основањето на меѓународниот фестивал „Гитар фест – Тремоло“. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Мерц, Џулијани, Бариос, Реис, Диенс, Јовичиќ.

You May Also Like