Во Културно-информативниот центар синоќа, во присуство на претставници на дипломатскиот кор и почитувачи на уметноста, беше отворена изложба на карикатури на чешкиот ликовен уметник Јозеф Блеха, со која беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Чешка.
На отворањето на изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека овој настан ги потврдува заложбите за интензивирање на културната размена меѓу Македонија и Чешка како две земји со богата култура и традиција.
-Во 2009 година Република Македонија и Република Чешка за прв пат потпишаа Договор за културна соработка и оттогаш динамиката на културните настани овозможи голем број чешки автори и уметници да се претстават во нашата држава. Ја видовме изложбата на чешкиот ликовен уметник, илустратор и филмски творец Адолф Борн, го проследивме настапот на познатиот Барок-оркестар и извонредниот виолинист Вацлав Худачек, а Република Македонија ја посети и легендарниот Јиржи Менцел – потсети министерката за култура.
Оваа година и Република Македонија ќе реализира многубројни активности во Република Чешка по повод одбележувањето на 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Во Прага ќе биде претставена македонската современа ликовна уметност, ќе се реализираат ревија на македонски филмови, концерти на дуото „Скупи“ и на наши реномирани фолклорни ансамбли и многу други активности со кои ќе ја претставиме македонската култура во оваа, за нас, пријателска земја.
На отворањето на изложбата се обратија и амбасадорот на Република Чешка во Република Македонијa, Мирослав Рамеш, директорката на Управниот одбор на Охридска банка „Societe Generalle Group“, Јитка Пантучкова, директорката на КИЦ, Сермине Пурини и авторот Јозеф Блеха, а беше прочитана и поздравна порака од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.