Традиционална погранична средба на Македонците од Егејот во Трново

В недела, во потпелистерското село Трново, по 32-ри пат ќе биде збирно место на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, каде ќе се одржи традиционалната погранична средба, исполнета со богата културно уметничка програма со КУД „Гоце Делчев“-Битола и „Сирма Војвода“ – Прилеп, како и една фолклорна група од Јапонија.

На денешната средба со новинарите, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, како организатор и домаќин на тој настан, најави учество на повеќе гости од државата и странство и упати јавен апел да не се политизира претстојната манифестација во Трново.

– Не отстапуваме од нашите глобални определби, а тоа значи ќе ја поддржуваме секоја Влада што ќе се бори за правата на Македонците и за обезбедување работа за младите луѓе, но исто така ќе бидеме против секоја личност, група или Влада која ќе сака да го смени уставното име Република Македонија. Ние сме против дискриминацијата што соседните држави ја вршат на Македонците, и тоа ќе го потврдиме и в недела, истакна Александар Поповски, почесен преседател на Здружението.

Според Андон Чекревски, член на македонското здружение „Виножито“ од Лерин, пограничната средба во Трново треба секогаш да се афирмира, но, како што рече, и панаѓурот во леринското село Овчарани бидејќи таму се играат и пеат македонски песни и ора.

– Панаѓурот во Овчарани е најголем културен настан на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кој се одржува уште од 1980 година. Сме издржале разни притисоци и заплашувања, но ќе продолжиме да се собираме сите Македонци од Леринско, како и други гости. Со наша делегација ќе бидеме в недела и во Трново, посочи Чекревски.

Годинашната погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија ќе се одржи под мотото „Македонија е вечна“.

You May Also Like