Виолинистот Радуловиќ и „Ѓаволски трилери“ за роденденот на „Охридско лето“

Концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ и француското трио „Ѓаволски трилери“ за роденденот на „Охридско лето“ …

nemanja radulovic

За роденденот на „Охридско лето“ 4 август веќе традиција е да се организираат концерти на познати имиња од музиката, со програма што ќе го слави секое ново фестивалско издание. Оваа година „Охридско лето“ ќе го прослави 54-тиот роденден со спектакуларен концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ, заедно со француското трио „Ѓаволски трилери“, предводени од пијанистката Лор Фавр-Кан.

Радуловиќ минатата година беше дел од програмата на „Охридско лето“, но за разлика од лани кога настапуваше со изведба на класични дела, за ова роденденско издание тој ќе настапува со посебна програма, со композиции на „АББА“, Пуњани, Крајслер, Шопен, Масне, Берио, Вивалди, Бизе, Паганини, Шостакович, Хачатурјан, Вилијамс, Кустурица, Монти.

Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, воодушевувајќи го аудиториумот со своите атрактивни настапи. Радуловиќ е добитник на престижните награди „Јоахим“ во Хановер, „Џорџе Енеску“, „Антонио Страдивари“, „Јехуди Мењухин“, „Вијенјавски-Липински“ во Полска. Тој беше прогласен за „Интернационално откритие на годината“ од „Виктуар де ла музик“ (Victoires de la Musique) – Европска асоцијација на уметници-менаџери (European Assosiation of Artist Managers) и номиниран за „Рисинг Стар”. Радуловиќ настапува во најпознатите светски сали: Концертгебау во Амстердам, Мегарон во Атина, Музичкиот центар во Париз (Cite de la Musique), „Пале де бозар“ (Palais des Beaux-Arts) во Брисел, Филхармонијата во Келн, „Карнеги хол“ во Њујорк, како и на бројни меѓународни фестивали. Прогласен е за Почесен доктор на Универзитетот во Ниш – Србија, а за 2013/2014 е прогласен за најдобар уметник на „Виктуар де ла музик“ (Victoires de la Musique) (MIDEM Prize).

Групата „Д девл’с трилс“ („The Devil’s Trills“ – „Ѓаволските трилери“) беше создадена со цел да се преразгледа репертоарот за соло-виолина и тој да биде донесен до пошироката публика. Групата ја сочинуваат гудачки квинтет и светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ, а нивниот репертоар претставува една разновидна музичка палета – од Бах и Моцарт, преку романтичарите Чајковски, Бизе и други, сè до современата уметничка и филмска музика. Групата редовно настапува на најпрестижните светски фестивали. Покрај најпосакуваните светски концертни сали (Токиската опера, Шангајската концертна сала, театарот „Шатле“ (Theatre du Chatelet) – Париз, Коларац – Белград и други), тие со задоволство свират во џез-клубови и на други алтернативни сцени.

Лор Фавр-Кан, по завршувањето на студиите по пијано на конзерваториумите во Авињон и Париз, постигнува значајни успеси на меѓународните натпревари и издава бројни компакт-дискови со разновиден репертоар. Во нејзината биографија бројни се рециталите и настапите со оркестрите од европските и азиските земји, како и соработката со водечки солисти, особено со Немања Радуловиќ. Во 2014 год. Лор Фавр-Кан го продуцира својот прв спектакл посветен на Шопен, заедно со гласот на францускиот актер Шарл Берлинг.

Концерот ќе се одржи на голмата сцена на Античкиот театар, со почеток од 21 часот.

Првиот официјален фестивалски настан на „Охридско лето“ беше концертот на оперската пејачка Ана Липша Тофовиќ на 4 август 1961 година. Од тогаш наваму фестивалот се одржува секоја година, со почеток од 12 јули. Од 1994 година „Охридско лето“ е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.

You May Also Like