Во организација на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ заедно со неговите пријатели, утревечер (четврток, 5 април 2012 година) од 20:00 часот, во Универзална сала ќе се одржи Велигденски концерт. Целта е да се доближи источно-црковното (византиско) пеење до пошироката јавност и да се даде поголемо значение на настаните од Страсната седмица и богослужбите во православните храмови, а пред сè, да се создаде вистинска атмосфера кај народот за достојна прослава на Христовото Воскресение.
За прв пат во историјата на македонската музика е направена оркестрација на древни источно-православни напеви од страна на професор Живојин Глишиќ, кој на ова дело работел над една година. Во изведбата на познатите композиции што се дел од богослужбените песнопенија на Страсната седмица, како и воскресниот тропар, ќе земат учество Македонската филхармонија, нашиот познат поп-пејач Ламбе Алабаковски, монахињата Касијана и хорот при Македонската православна богословија.
Бигорскиот манастир, го посветува овој концерт на својата Мајка Црква – славната Охридска Архиепископија, честитајќи ѝ го нејзиниот 45-годишен јубилеј: нејзиното возобновување во лицето на МПЦ-OA.