Бурeн аплауз за македонскиот тенор Нацоски во Џенова

Концертот насловен „Седум песни од светлина и прав” на македонскиот амбасадор на културата Благој Нацоски синоќа со овации беше поздравен од страна на на публиката во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, Италија …

nacoski genoa 3

Многубројните посетители во вилата Дурацио со бурен аплауз го наградија македонскиот оперски пејач кој, во рамките на концертот, на македонски јазик изведе дело напишано специјално за оваа пригода од италијанскиот композитор Анџело Инглезе на стихови од Никола Маџиров. Станува збор за циклус од седум песни, претворени во музика, и тоа за камерен состав од два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано.

nacoski genoa 2

“Прекрасно е утрово кога се разбудив и “најдов” еден куп пораки на фејсбук со честитки за вчерашниот концерт. Најискрено, немав воопшто претстава каков одглас ќе има кај публиката една ваква специфична и префинета програма, особено новонапишаното дело. Всушност, реакцијата беше и поголема од очекуваното. Тоа доживеа огромен успех и сум особено среќен поради тоа, како за нас изведувачите но уште повеќе за композиторот и Маџиров. Пеејќи ги “Седумте песни од светлина и прав” можев да ја воочам возбуденоста кај присутните кои беа нестрпливи да аплаудираат. Морам да кажам дека од моја гледна точка Анџело Инглезе напиша врвно дело, употребувајќи ги извонредните поезии на Никола Маџиров. Секој компониран тон на Инглезе е силно сврзан со стиховите на Маџиров како да се работи за добар познавач на македонскиот јазик. Се надевам дека ова дело ќе биде изведувано во иднина и од други изведувачи. Да напоменам дека беше прекрасно да се чујат и композициите на Прокопиев, Зографски и Фирфов изведени од моите италијански гости. Овие дела истотака доживеаа огромен успех вечерта”, вели Нацоски.

На концертот настапија и познатите оперски уметници: Адријана Јоција – сопран, Луиџи Скифано – контратенор, Елена Бакјарело – кларинет, Константин Чобану – виолина, Џакомо Бјаџи – виолончело, како и композиторот Анџело Инглезе на пијано, кои изведоа италијански дела од дваесеттиот век, како и македонски дела од Прокопиев, Фирфов и Зографски.

nacoski genoa 1

Концертот, кој се реализираше со поддршка од Министерството за култура, беше во рамките на италијанско-македонската вечер, а по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Италија.

You May Also Like