Денеска (12 април 2013 година, петок) во 12:00 часот, во просториите на СУГС „Орце Николов“, ќе бидат доделени сертификати на учесниците во Проектот „Академија Супернова – За здрава иднина”, реализиран од Гешталт здружението на Македонија, а во рамки на настанот ќе биде одржана и промоција на на книгата „Здрава иднина”, којашто е резултат од успешната реализација на Проектот.
Проектот „Академија Супернова – За здрава иднина”, беше имплементиран од Гешталт здружението на Македонија (ГЗМ) – КОНТАКТ, ЕМБРА Корпорација, Советувалиште за Хумана Соработка – Гешталт тренинг институт во средните училишта на Град Скопје. Проектот имаше за цел да овозможи подобра едукација на педагозите, психолозите и наставниците во средното образование во Скопје и да понуди помош во личниот и во емоционалниот развој на учениците, особено во справувањето со конфликтни ситуации во тинејџерските години. Во рамки на Проектот беа одржани неколку интерактивни работилници коишто ги реализираа високо квалитетни и стручни кадри од психотерапевти, како и психолози со долгогодишно искуство.
Како резултат на успешната имплементација на Проектот „Академија Супернова – За здрава иднина“, издадена е и книгата „Здрава иднина”, што има за цел да ги зајакне капацитетите на наставниците, педагозите и психолозите во средните училишта на Град Скопје.
Финансиските средства што од Буџетот, ги издвои Град Скопје, за реализацијата на овој Проект во 2012 година изнесуваа 200.000,00 денари.