Од утре (петок, 24 август, 2012) до недела (26 август) во Гевгелија по четврти пат ќе се одржи БОШ – мултимедијалниот арт фестивал. На повеќе локации ни градот 3 дена ќе се случуваат концерти, изложби, театарски претстави, филмски проекции, перформанси, поетски читања и други неконвенционални уметнички случувања.
Оваа година посетителите на БОШ во музичкиот дел на фестивалот ќе можат за прв пат во Македонија да го видат и слушнат бендот кој е вистинска атракција со своите концерти во регионот- Мултиетничка атракција. Фанки транс бендот Аутмајнд ќе ја размрда публиката во Старата градинка со нивни нови песни, но и со ремикси на старите. Кумановските old school рапери Подземан ефеект ќе ги претстават своите рими на кумановски дијалект.
Свои DJ сетови ќе имаат и Martchin OffPop, Соња Исмаил, локалната електронска гордост Дени Трајков со настап во живо, како и специјалното гостување од Прага, Pat Heart. Преку ден во старата градинка ќе се случува Бош будење со Flat five-џез квартет, како и дј сетови и работилница за мозаик.
Театарскиот дел од фестивалот е резервиран за гостувањето на неколку претстави од Македонија и странство. Атом театар од Софија гостуваат со претставата “На работ”, домашните претстави “Јас љубам Бог” и “Конфузија”, како и татарскиот перформанс “Бош пазар”.
Од изложби на овој БОШ ќе може да видите: групна изложба на скулптури, “МОМИ” , Никола Радуловиќ-“Confusion is SEX”, Марија Милошевска “Оророк”, како и инсталации и перформанси на Ангел Миов “Temporary art for con-temorary time”, Атанас Ботев “Feelingblue”, Игор Калц и Јане Алтипармаков “The dream about the mouthless”.
Платото пред градскиот театар и овој БОШ е резервирано за филмски проекции на отворено. Оваа година посетителите на БОШ ќе гледаат селекција на филмови од македонски автори.
И поезијата секоја година е препознатлив дел од БОШ. Оваа година младите поети ќе можат својата поезија да ја претстават пред публиката на БОШ. Овој пат од фотеља.
Фестивалот БОШ се одржува четврта година по ред. Првото издание на фестивалот се случи во 2009-та година во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски(1981-2008). Догодина фестивалот ќе го слави својот прв јубилеј 5 години постоење.