Борис Трајанов – национален уметник за 2014

Македонскиот баритон Борис Трајанов е добитник на титулата национален уметник за 2014 година, соопшти денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска …

Борис Трајанов
Борис Трајанов

Борис Трајанов ја добива титулата на иницијатива на Македонската опера и балет. Комисијата составена од академиците Катица Ќулафкова и Газанфер Бајрам, Оливер Белопета и Раде Силјан, по разгледувањето на пристигнатите предлози ослучила дека Трајанов ги исполнува критериумите утврдени со Законот за национален уметник.

Канческа-Милевска информира дека годинава во законски предвидениот рок во Министерството за култура пристигнале три иницијативи за титулата национален уметник. Покрај Трајанов, имало иницијатива на Младинскиот културен центар од Скопје за поетот Никола Маџиров и иницијатива на Друштвото за издавачка дејност „Каприкорнус“ ДООЕЛ Експорт-импорт од Скопје за проф. д-р Драги Михајловски.

Двајцата кандидати, како што рече, не ги исполнуваа условите, а Борис Трајанов ги исполни и општите критериуми од Законот за национален уметник и поединечните критериуми предвидени во Законот, кои се однесуваат на вокално-инструменталните музичари.

– Македонскиот баритон Борис Трајанов е еден од најрепрезентативните музички уметници во Република Македонија. Со бројните концерти одржани на релевантни светски афирмирани манифестации и фестивали, како и со освоените престижни меѓународни награди и признанија, дал врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во нашата држава, потенцира Канческа-Милевска.

Трајанов својата уметничка кариера ја почна во средината на 80-тите години на минатиот век на оперските сцени од поранешна Југославија, а на почетокот на 90-тите години со голем успех продолжи на меѓународната сцена.

Во неговата професионална биографија е наведено дека толкувал разновиден репертоар од 43 водечки баритонски улоги, остварил околу 1.320 настапи, од кои 135 концерти и 1.186 оперски претстави, во бројни оперски куќи и фестиваали во Германија, САД, Латинска Америка, Русија, Јапонија, Кореја, Израел и други земји, настапувајќи со некои од најголемите диригентски и пејачки имиња од светот на музиката.

По реномираниот македонски пијанист Симон Трпчески, филмскиот режисер Милчо Манчевски и естрадниот уметник Есма Теодосиевска Реџепова, Борис Трајанов е четвртиот носител на ова највисоко признание од областа на културата.

Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.

You May Also Like