Денес, (вторник, 03.07.2012 година) на програмата на Бит Фест 2012, во Битола, ќе може да ги проследите следните настани:
Етно концерт „Дамарите чалгија оркестар“
Магаза 22:00 часот
Доследен наследник на македонската традиција и култура, твори и работи оркестарот за чалгиска музика „Дамари чалгија оркестар“ составен од ентузијасти, вљубеници во народниот фолклор, со единствена цел зачувување и продолжување на традицијата на изворното чалгиско музицирање.
Почетоците на оркестарот, во кој членуваат Стефка Апостоловска (вокал), Марјан Бакревски (кларинет/кавал), Игор Милевски (виолина), Стевче Васевски (тамбура/гитара), Пеце Јуруковски (саз/ут/џумбуш), Никола Наумовски (тарабука/деф) и Зоран Беговски (вокал/деф) датираат од 1998 година.
Репертоарот на „Дамари“ е составен од педесетина песни и ора, бисери на македонското изворно чалгиско творештво.
Театарска претстава „Мушичка“ режија Никола Ристов – НТ Велес
НТ Битола 20:00 часот
Автор: Аџело Беолко Руцанте
Режија: Никола Ристов
Сценографија: Дејан Трипуновски, Никола Ристов, Костимографија, Маја Кикириткова
Избор на музика: Никола Ристов
Улоги: Зоран Љутков, Јордан Витанов, Зорица П. Панчиќ, Едмонд Сотир, Слободанка Чичевска, Кирил Гравчев, Јован Рибарски , Димитар Глушков
РУЦАНТЕ
Анџело Беолко (1502 – 1542), попознат по неговиот прекар Руцанте, е најпознат според неговите рустични комедии, во кои главен лик е секогаш селанецот Руцанте. Преку неговите експерименти со вметнувањето на различните дијалекти дава живописна слика за тогашниот живот во Падова во 16-тиот век. Овде нормално е и “валканиот јазик” кој постојано се појавувал во дијалектите. Започнува со пишување на мариаци (скечеви кои се играле на локалните свадби), за подоцна да создаде своја театарска дружина.
Покрај неговиот одличен успех како писател и актер, целиот живот го поминал во сиромаштија. Како што изјавил еден негов пријател, иако бил одличен познавач на комедијата, никогаш не бил во можност да ја разбере сопствената трагедија. Познатиот италијански драматург Дарио Фо, го става Руцанте на исто ниво со Молиер, тврдејки дека тој е вистинскиот татко на Commedia dell’ Arte. Напишал повеќе драми и монолози како, Пасторалии, Бетија, Мушичка, Фиорина, Пиована и тн.
МУШИЧКА
Ова е комедија на анти-херои. Иако сите нивни слабости избиваат на виделина, самиот тек на приказната не тера да се поистоветуваме и да навиваме за карактерите. Приказните за сексот, за искрената љубов, за парите и храброста, за желбата и вољата ги носат на површина сите човечки слабости, дозволувајки ни безгранично да ги исмејуваме и сожалуваме.