В петок (15 февруари, 2013) во 20:00 часот во НУ „Глигор Прличев“ во Охрид, гостува Драмското студио „Солзи и смеа“ од Битола. Тие ќе ја изведат претставата „Ако се фаќаш, фати се за…“.
Драмското студио „Солза и смеа“ е формирано на 7 февруари 1996 година во Битола. Како аматерско студио кое работи и функционира во рамките на Центарот за култура во Битола, ја има и првата премиера за претставата „Лонг плеј“.
Неколкуте години активна работа го креваат нивото на студиото и претставите почнуваат да бидат се повеќе посетени. Со неколку падови и воздигнувања, и неколку променети жанрови, низ Солза и Смеа поминале неколку генерации на актери и режисери кои денес професионално се занимаваат со тоа низ театрите во Македонија и надовр од неа.
Солза и Смеа денес е приватен театар каде работат и професионалци, насочен кон комедијата како жанр кој членовите во театарот го негуваат во сите свои претстави дома, како и на фестивали во странство, каде театарот има земено учество.
Доказ за тоа се големиот број на награди и пофалби низ фестивалите, како и успешната турнеа во Австралија во 2011 година. Најуспешен проект досега е хумористичниот ТВ серијал кој четврта година се емитува на ТЕРА ТВ, а достигна и енормна гледаност на Youtube. Последен проект од поголеми рамки е и играната музичка комедија на групата Молика и Анета Мицевска кој во соработка со Солза и Смеа ја доживеа и својата премиера во Декември 2012 година.