Архивот во Битола денес го одбележа јубилејот, 60 години од своето постоење …
Во организација на Државниот Архив на Македонија, денеска во Битола беше одбележан големиот јубилеј – 60 години од формирањето на архивот во овој град. Почетоците на организираната архивска дејност во Битола датираат од крајот на Втората светска војна кога било донесено решение за заштита и чување на културните споменици и старини, а на 26 мај 1954 година и одлука за формирање на Околиски архив во Битола.
– Денеска се потсетуваме на успешната работа на Архивот во Битола не само во заштитата, преземањето, користењето и објавувањето на архивскиот материјал, туку и успешното вклопување во културниот живот на градот, организирањето на многу изложби од историски карактер и објавување на различни монографии, посочи директорот на Државниот Архив на Република Македонија, Зоран Тодоровски.
На денешната свеченост во Битола беше промовирана посебна публикација посветена на јубилејот и значајните достигнувања на архивот во овој град во изминатите шест децении.
– Во публикацијата е опишан историјатот на архивската дејност, надлежностите, фондовите збирки, издавачката и информативната дејност на Архивот во Битола. Во нашето депо има околу 1.000 фондови збирки, 1.500 книги и друг материјал како што е на пример фрагментот од пергамент, делови од Тората пишуван на редок староеврејски дијалект од 13 век, тапии, свидетелства, пасош на Јован Стојанов од Битола издаден од Отоманскиот конзулат во 1908 година и други поединости кои може да се истражуваат, рече меѓу другото раководителот на архивот во овој град Ацо Кимовски.
Рецензент и промотот на публикацијата „60 години Архив во Битола“ беше Иван Алексов кој нагласи дека архивската дејност во Битола допира до антиката и средновековието, а посебно е сочувана најголемата збирка на сиџилиите од Битолскиот кадилак 1607-1912 година како најголем фонд, потврди Алексов.