Биг Бендот на ФМУ вечерва во Дом на АРМ

Биг Бендот на ФМУ, составен од студенти на ФМУ од студиските програми за класична музика и популарни жанрови, вечерва (13 мај, понеделник) во 20:00 часот, ќе одржи концерт во Домот на АРМ под диригентската палка на маестро Кире Костов.

Биг Бендот на ФМУ е формиран во учебната 2001/2002 година и оттогаш до сега под водството на маестро Кире Костов, реализирал околу четириесетина концерти и пократки настапи за потребите на ФМУ, во земјата и надвор од неа. Во период од неколку години Биг Бендот на ФМУ беше единствениот ансамбл во Република Македонија кој го негуваше ансамбловиот џез и како таков придонесе во голема мера за одржувањето на овој вид музичка култура во Македонија. Од минатата година со отворањето на новата студиска програма за популарни жанри, предметот стана задолжителен дел од нивното студирање. Некогашните студенти-членови на овој ансамбл, денес се членови на Биг Бендот на МРТВ, Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет – изјавува Деканот на ФМУ, Гордана Јосифова Неделковска.
Репертоарот на оркестарот ги опфаќа скоро сите правци во класичниот џез – диксилендот, свингот, бибап, џез-рокот, а во голем дел и композиции од македонски џез автори. На програмата на овој концерт ќе бидат изведени дела од богатиот авторски опус на Кире Костов кој е еден од најзначајните музички творци во областа на џезот во Македонија и со успех го води оркестарот од 2001 година до денес.
Како солисти на концертот ќе настапат познати имиња како Дамир Имери – пијано, Иван Иванов – тенор саксофон, Нинослав Димор – баритон саксофон, Трајче Велков – труба и актуелни талентирани студенти на ФМУ како Сенад Усеин и Анте Мустапиќ на труба, Живко Чиртовски и Артан Мустафа на алт саксофон.

You May Also Like