Во организација на Град Скопје и компанијата за здрава храна „Виталиа“, утре (05 јули, четврток), во 19:30 часот, под мотото „Вежбаме – здрави сме“ ќе стратува реализацијата на проектот „Бесплатен фитнес за сите граѓани на Град Скопје“.
Бесплатните фитнес часови на отворено ќе се одвиваат на градската плажа Парк, на кејот на реката Вардар, секој четврток во текот на летниот период со времетраење од 1 час. Часовите по зумба, фитнес и аеробик ќе ги изведуваат искусни фитнес инструктори од студиото Топ Форма.
Со бесплатниот фитнес на градската плажа Парк ќе се збогати содржината за сите пешаци, рекреативци и спортисти коишто редовно го посетуваат тој дел од кејот на реката Вардар, а ќе се поттикнат и сите останати граѓани да дојдат и да спортуваат.
Во зависност од интересот, проектот „Бесплатен фитнес за сите граѓани на Град Скопје“, можеби ќе се реализира и на повеќе локации во градот Скопје.