Бајките на браќата Грим во Кинотека на Македонија од 8-ми јануари

Кинотеката на Македонија во соработка со Институтот Гете, почнувајќи од 8-ми до 18-ти јануари ќе прикаже пет филма снимени според бајките на браќата Грим (Вилхелм и Јакоб), придружувајќи се на прославата на јубилејните 200 години од нивната збирка „Бајки за деца“, објавена на 20 декември 1812 година.


На тој начин децата ќе дознаат многу повеќе за госпоѓа Холе, Пепелашка, Снежана, бременските музиканти и сите други херои од бајките на браќата Грим, кои се задолжителна лектира за секое дете во светот, а се дел и од светското културно наследство и во списокот на пишувано културно наследство на УНЕСКО. Бајките на Грим се и подлога за безброј филмски адаптации, соопштија од Кинотеката.

Петте филмови се германска продукција, ќе се прикажуваат од 12:00 часот. Филмот што во вторник ќе го отвори утринското кино од циклусот „Волшебниот свет на браќата Грим“ е „Пепелашка“ во режија на Уве Јансон, снимен во 2011, кој ќе биде прикажан и на 9 јануари.

На 10-ти и 11-ти јануари ќе има проекција на „Масата, магарето и стапот“ на Улрих Кониг од 2008, на 12-ти и 14 јануари „Снежана“ на Томас Фројнднер од 2009, додека на 15-ти и 16-ти филмот „Госпоѓа Холе“ на режисерот Бодо Фурнајзен од 2008 година.  На 17-ти и 18 јануари ќе биде прикажан „Бременските музиканти“ режиран од Дирк Регел во 2009-та.

You May Also Like