Вчера (среда, 17 октомври, 2012 година) со ревијалниот кошаркарски ALL-STAR натпревар помеѓу екипата составена од ученици од средните стручни училишта од Скопје и екипата од ученици од гимназиите од Скопје, официјално беше означен стартот на средноучилишните спортски лиги на Град Скопје за учебната 2012/2013 година.
Во преполната сала на Кошаркарскиот клуб „Работнички“, во Градскиот парк во Скопје, почетокот на средноучилишните спортски лига натпревари, го означи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Претседателот на Училишниот спорт на средни училишта во Скопје, Влатко Неделковски, ја искористи можноста и на синот на покојниот Зоран Златевски му врачи плакета за особен придонес во физичкото воспитување во средното образование на Град Скопје. Златевски беше долгогодишен просветен работник по физичко воспитание во СУГС „Васил Антевски-Дрен“, еден од најактивните професори и професионален македонски кошаркарски судија.
Веќе 4 години по ред градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и Град Скопје се најголемите покровители на сите средноучилишни спортски натпревари на подрачјето на Скопје.
Сојузот на училишен спорт на средни училишта во Скопје заедно со Одделението за спорт на Град Скопје, при Секторот за Јавни дејности на Град Скопје, организациски ги вклучува средношколците во системот на натпревари, па оттука учениците – спортисти се натпреваруваат за своите репрезентации од средните училишта на град Скопје, а реализацијата на лига натпреварите на средните училишта преку Буџетот ги финансира Град Скопје.
Во оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учество ќе земат 180 екипи составени од околу 5 000 ученици од 28 училишта, а ќе се одиграат околу 900 натпревари. Ќе бидат организирани 9 лиги коишто ќе траат во текот на целата учебна година, а натпреварите ќе се одигруваат во машка и во женска конкуренција во следниве спортови: ракомет, кошарка, футсал, одбојка и куглање како колективни спортови, додека во делот на индивидуалните спортови ќе се организираат натпревари во: атлетика, бадмингтон, пинг – понг, карате, борење, тенис и пливање.