Во Меморијалниот центар Пелинце вчера започна 40-тата Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2014“ …
Во Меморијалниот центар Пелинце, вчера почна 40-та Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2014“. Годинава на колонијата учествуваат петнаесет уметници од Македонија, Белгија и Србија. Организаторите очекуваат плодна продукција која произлегува од инспиративниот амбиент на просторот во кој ќе творат уметниците. Кумановската, заедно со припелската и струмичката колонија се вбројуваат меѓу најстарите во државата.
Драгана Спасковска, кустос во Уметничката Галерија Куманово истакна дека ликовната колонија бележи четиридецениско постоење и отсекогаш ги следи високите стандарди, внимателно бирајќи ги уметниците.
– И за разлика од останатите креативни работилници кои се случуваат насекаде во државата и кои имаат само продуктивна цел, ние како организатори се обидуваме да им овозможиме и други содржини на учесниците, што подразбира посета на значајни археолошки локалитети, Пелинце, Градиште, Визијана, Кокино, многубројни цркви и манастири кои ќе придонесат за инспирација на уметницте, што неминовно влијае врз квалитетот на делата истакна Спасковска.
Интернационална по својот карактер, колонијата се оддржува уште од 1974 година на различни локации започнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, се до Пелинце каде што се оддржува последниве неколку години.
– Оваа колонија станува бренд по кој е препознатлива општината. Добриот избор на уметници и просторот во кој творат дава гаранција дека и оваа година, како и претходните продукцијата ќе биде одлична, истакна раководителот на секторот за култура од општина Куманово, Жика Крстевски.
Уметниците ќе творат во класични технички, масло на платно, акрил на платно, скулптури.
– Се надеваме дека ќе направиме добри дела кои ќе останат за градот и дека ќе размениме искуства со колегите уметници. Инаку,работам во класична техника масло на платно, рече академскиот сликар од Србија,Љиљана Трајковиќ.
Уметникот Ване Костуранов од Македонија првпат учествува на оваа колонија и се надева дека неговите дела ќе ја збогатат уметничката колекција на колонијата. Според него, амбиентот е мошне инспиративен.
Ликовната колонија „Куманово 2014“ завршува на 27 август. Делата од колонијата прво ќе бидат презентирани на изложба во Куманово, подоцна во уметничките галерии во државата и во регионот. Досега за 40 години на колонијата учествувале над 500 држави од сите континенти кои оставиле преку 1.000 дела. Дел од изработените скулптури се наоѓаат на просторот на Меморијалниот центар Пелинце.
– Оваа продукција од 1.000 дела дава свој придонес и за развој на националната ликовна уметност. Овде учествувале уметници значајни и за домашната и за светската ликовна сцена, оставјќи свој придонес и поставувајќи високи стандарди при селекцијата на уметници кои ќе учествуваат и сега и во идниот период, додаде Спасковска.
Организатор на колонијата е НУ Музеј, а се оддржува со поддршка на Министерството за култура во соработка со општина Куманово.