Книгата раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски вечерва во 19 часот ќе биде промовирана во книжарницата Литература.мк на ул. „Македонија“.
Издавачот „Арс Либрис“ посочува дека во збирката може да се прочитаат носталгични и емотивни реминисценции за одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент. Според Плавевски, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред седумдесет години – времето кога биле реалност расказите содржани во книгата.
Во книжарницата Литература.мк книгата раскази ќе ја претстави новинарот Мојсо Мојсовски,, a извадоци ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од скопскиот земјотрес.
Владимир Плавевски (Скопје, 1948) дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Автор е на сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.
фото: Вечер