Конкретни заклучоци од средбата на министерот Адеми со претставници од иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество” одржана во Министерство за култура на 20 февруари 2019 година
Министерот за култура Асаф Адеми се сретна со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество”, по барањето за средба доставено од страна на иницијативата.
Иницијативата пред средбата достави писмо до Министерството за култура со барањата претставени на прес-конференцијата одржана во Кино Култура, на 19.02.2019 и листа на поддржувачи, организации, институции и индивидуалци.
На почетокот на средбата, искажана благодарност за брзата реакција и за разбирањето на министерот Адеми да одговори на нашето барање за средба на која ќе се разговара за потребата од конкретни чекори во решавање на системските проблеми со кои се соочува ресорот култура.
Во конструктивна атмосфера на дијалог министерот Адеми и претставниците на иницијативата донесоа заклучоци за натамошна соработка.
Во однос на барањето: Финализација и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата, договорено е, во натамошниот процес на донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, во Работната група да има член од оваа иницијатива.
Во однос на точката: Воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување беше договорено, до донесување на новиот Закон за финансирање на јавниот интерес во културата, веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постоечкиот Закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Да се формира група која ќе работи на нов систем на финансирање (разработени критериуми и модели на оценување) со претставници на инцијативата и независни експерти во соработка со претставници на одделенија и правната служба на Министерството за култура.
Министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на Годишните конкурси, и ја поддржува иницијативата за интервенција во постоечкиот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон во културата.
Се договори дека иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество” ќе организира јавни дебати на кои активно учество ќе земе Министерството за култура, а на кои ќе се разговара и ќе се утврди модел за распределбата на буџетот во културата, по дејности.
На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата. Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности.
Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности.
Во однос на точката: Зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми;
Се договори дека ќе се организира дебата на тема- зголемување и распределување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми;
Додатно, Министерот Адеми, информираше дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Министерот Адеми, потенцираше дека комисиите работат во согласност со Законот за културата, но дека има формални можности, со упатување жалба или поради реакции во јавноста, покрај одбиените проекти за кои комисиите утврдиле дека се од национален интерес, да се преиспитаат и одобрени проекти за кои постои сомнеж за нерегуларност во оценувањето.
Иницијативата ги изнесе и своите дилеми и предлози во однос на овој конкурс, а на крај се договори дека ќе се работи на имплементирање на принципиелните барања, со кои ќе се спречи следна слична ситуација настаната од реакциите на овој конкурс.