Меѓу значајни настани и истакнати личности предложени за одбележување во 2019 година се и: 15 години од смртта на претседателот Борис Трајковски, 1150 години од упокојувањето на св. Кирил, 200 години од раѓањето на Димитрија Дичо Зограф, 110 години од раѓањето на Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Круме Кепески и 110 од смртта на Кузман Шапкарев…
Во Предлог-програмата која содржи 52 предлога се и 150 години од раѓањето на Васил Главинов и Салих Асим, еден век од раѓањето на Димитар Митрев, Владо Малески, Раде Јовчевски-Корчагин, Борко Темелковски-Лилјакот, Мите Богоевски, Аврам Садикарио, сто години од смртта на Јашар бег Шкупи, 30 години од смртта на Димитар Илиевски-Мурато, 15 години од смртта на Илија Џувалековски, 10 години од смртта на Коле Чашуле…
Јубилеи во 2019 година ќе имаат повеќе државни институции – 70 години од основањето ќе слават Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Ансамблот на народни игри и песни „Танец“, Турскиот театар-Скопје и Националниот конзерваторски центар, 40 години постоење ќе одбележи Факултетот за драмски уметности, а 30 години Театарот за деца и младинци.
Осумдесет години ќе бидат одбележани од излегувањето на стихозбирката „Бели мугри“, 50 години од првата Светска галерија на карикатури, 40 години од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Предлог-програмата треба да биде изгласана на матичната собраниска Комисија, па да се донесе во Собранието. Поради несогласување на членовите на Комисијата околу утврдените критериуми и поради доставување нови предлози, комисиската седница е прекината и продолжението ќе биде дополнително закажано.
Програмата за одбележување годишнини на значајни настани и истакнати личности во Македонија за 2019, требаше да е донесена на крајот од 2018, а се доцни поради зафатеност на пратениците на седниците за уставните измени. Предлозите што се содржани во Предлог-програмата се избрани од 179 пристигнати. Одговориле 39 од 126 институции до кои петчлената работна група пратила повик за доставување предлози.