Претседателката на СКРМ, Сања Арсовска заедно со претставници од синдикатите во културните инстиуции денеска кажа дека штрајкот поминал без притисоци…
Денеска се откажани осум претстави, една изложба, шест кинопроекции, еден концерт, десет проби во театри, на генералниот еднодневен штрајк на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ), рече претседателката Сања Арсовска. Штрајкот е поради нивното незадоволство од непотпишувањето на Колективниот договор, за кој преговараат веќе две години со Министерството за култура и со Владата.
„Во 13 музеи не се примаат посетители, и можеме да кажеме дека над 7.000 љубители на културата и на уметноста денеска се спречени да ги посетат културните и уметнички установи“, додаде Арсовска.
Секторот култура од 2005 нема колективен договор, поминати се веќе 15 години и дека владел комплетен хаос по прашање на работничките права во култутно-уметничките инститции.
„На наше пријатно изненадување, денеска бевме повикани на итен состанок од Министерството за да се реши овој проблем. Морам да напоменам дека од нивна страна имаше волја, но некако динамиките се забавија.Имаме понуда од Министерството, за средствата кои ги бараме, дека одредбите во однос на плати би се спровеле од 1 јули 2020. Оваа понуда ќе биде ставена на маса пред нашите членови и тоа ќе го направи и Синдикатот на образованието, културата и уметноста (СОНК), и очекувам до крајот на неделата да донесеме одлука дали ја прифаќаме понудата“, вели Арсовска.
Актерката кажа дека немало никакви притисоци кон вработените во институците да не штрајкуваат, и дека имало само мал инцидент во Драмски театар, каде имале проблем да го постават знакот „Штрајк“ на албански јазик, но дека раководството тоа веднаш го средило.
Премиерот Зоран Заев денеска пред изјавата на Арсовска, кажа дека утрово имал состанок со министерот за култура Хусни Исмали и со националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски и дека по штрајкот ресорниот министер ќе може да разговара со вработените вклучени во протестот за сите детали околу постигнување на колективниот догоор што го очекуваат.
„ Оваа Влада еднаш направи нивелација во 2018 и е веќе крената. Сакаме со колективниот договор да ја заокружиме и да ја завршиме. Тоа што се бара од Синдикатот е зголемување на платите за некои 20 проценти, но притоа нивелацијата мора да биде завршена до крај. Зборуваме за нивни барања, можностите од државата после ќе се разговараат. На пример, ако кустос доктор на науки зема еднаква плата со тон-мајстор, тоа не е во ред, а такви примери сè уште постојат во културата. Да постигнеме фер состојба за сите, а нивелацијата треба тоа да го реши. Апелирам секој да го заврши својот дел за да се постигне потпишување на колективниот договор. Ние сме подготвени, зашто колективниот договор не е важен само заради платите, туку е важен за многу придобивки во културата“, рече премиерот Заев, додавајќи дека до сабота на владина седница ќе биде донесен новиот закон за култура…
извор: СДК.мк