Демократија и демонкратија или меритократија и самоиздржливост?

Здраво живо, Македонијо! Ќе останеме ли живи и здрави или ќе дозволиме да нè разболи ниската вибрација на она што се случува околу нас? Вештачката поделба веќе е на сила – нè поделија по социјален и општествен статус, поделени сме по тоа кој/а колку месечни примања има, веќе е јасна и поделбата на религиозна основа, се поделивме според партиската определеност, ни направија евтин филм за да нè поделат на „антички“, „словени“, „европски“ Македонци, а веќе се делиме на едни кои си отишле или сакаат да си одат што побрзо, и други – кои сакаат да останат во Република Македонија. Писателот на овој текст сака да остане, и покрај сите околности. Оти, кога сите ќе си отидат – некој ќе мора и да остане.

Сведочиме дека се ретки семејствата коишто повеќе од три генерации живеат на едно место во Република Македонија. Малубројни се и оние кои што си го знаат потеклото пред неколку векови. Времето во кое живееле нашите предци, окупациите, присилното преселување поради егзистенцијални причини и/ли крвна одмазда, промените на презимињата и недостигот на архивски списоци поради незрелоста на младата држава во којашто живееме, си го направија своето. Миграцијата село – град од пред повеќе од половина век како да сака да се случи повторно, но во обратен правец, од град кон село. Притиснати од бездушниот систем кој го владее нашето секојдневие, многумина се надеваат дека во догледно време ќе можат да се повлечат во некое село и да живеат таму, далеку од гужвата на градовите. А македонските градови останаа со мал сјај од вистинската градска светлина во којашто живееле нашите предци. Податоците дека во некои од помалите гратчиња низ Републиката пред сто и кусур години имало повеќе дуќани отколку денес, прават да се замислиме до каде, всушност, сме стигнале. Селата распаднати, распродадени, повеќето се тажна глетка за човечките очи, губат чекор во трката со времето.

Додека целиот свет оди напред со обработката на земјата и производството на храна, нашите мака мачат да врзат крај со крај. Оти, нели било модерно време и успевале само оние коишто делуваат на начини кои се соодветни на тоа што било модерно, кое нема ништо заедничко со менталитетот, културата, воспитувањето и традицијата на домородното население. Затоа, дребните производители сѐ уште се борат со системот кој понекогаш нè владее и посурово и од времињата кога сме немале држава, а малкуте моќници коишто имаат на располагање огромни површини плодородна земја и многу механизација, скоро секоја година се богатат сè повеќе и повеќе. Истовремено, неорганизираноста на производството, но и продажбата, предизвикаа на градските пазари да се купуваат продукти од други региони во државата, додека локалните производи или се продаваат по пониска цена на големо, или едвај се продаваат во целост. Оние што ќе речат – така мора да биде, капитализамот си го прави своето, најитрите ќе издржат и слично – не се во право. Меморијата на нашата ДНК, традицијата, менталитетот и силата на македонскиот народ покажаа дека до пред помалку од еден век, во скоро цела Македонија локалното население тргувало преку размена, а парите се користеле само за производи што биле тешко да се набават во местата каде што живееле.

Навистина е убаво кога човек се храни од плодови коишто растат во регионот каде што живее, особено ако истите се одгледувани со љубов и внимание, и не содржат опасни препарати, што би можеле да наштетат на нашето здравје. Доколку водата којашто ја користиме е навистина чиста, во комбинација со органските производи, би можеле да ни помогнат во борбата за нашето здравје и живот. Оти, ниската вибрација доаѓа преку храната, воздухот, подземните води, може да нè допре и преку други луѓе, а најчесто ни влијае преку егзистенцијалниот страв и досадната политика.

Дали Македонците ќе дочекаат да живеат во вистински суверена и независна Република Македонија, во која одлуките ќе бидат носени од народот, наместо од разно-разни експерти, аналитичари, политичари, странци, и слични фактори кои ни од далеку немаат ништо заедничко со вистинското битисување на Македонците? Ќе имаме ли доволно приходи, соодветни на трудот којшто сме го вложиле, за да не се плашиме за тоа што би било утре, туку би гледале кон следниот ден со надеж за поголема благодет и мирен и достоинствен живот? Ќе овозможи ли системот секој да го работи она за што има соодветно образование, умешност и искуство, или и понатаму ќе мислиме дека демократијата владее? Едно Н помеѓу о и к во зборот демократија ја променува целата смисла на зборот, па преоѓа во – демонкратија. Па, народе Македонски, дали ќе останеме свои на своето или ќе продолжиме да ја чуваме кубурата за „недај Боже“? А, до каде би стигнале како народ, раса и цивилизација, доколку можеме правилно да ги користиме ресурсите на мајка Македонија? Ќе исчезнеме ли со вителот на материјалистичкиот начин на живеење или ќе си ги послушаме душите, па ќе ја развиеме Републиката во вистински пример за новиот свет, исто како што многу генерации на нашите предци правеле пред години, векови и милениуми?

Дојде времето кога вештачките поделби ќе се заменат со природната селекција – а таа е побезмилосна и многу посурова од она што вештачки нè дели, затоа што она што е природно – е и нормално.

Господ нека ни е на помош.

м-р Никола Ристевски

текст објавен во книгата „Имагинариум“

You May Also Like