Добро познатиот саем за вработување и кариера – Job Fair ќе се одржи и оваа година, во организација на БЕСТ Скопје – Борд на Европски Студенти по Технологија. Настанот традиционално се одржува по 9-ти пат, а главната цел е поврзување и овозможување директен конкакт помеѓу студентите и македонските компании.
Почнувајќи од 22-ри до 24-ти Април, студентите ќе имаат шанса да го достават своето СV, да разговараат директно со претставници од компаниите-учеснички, да присуствуваат на едукативни презентации односно да направат чекор поблиску до својата кариера! Овој настан претставува најдобар начин како студентите подобро да се информираат за своето посакувано работно место, пракса и стипендии за додипломски и постдипломски студии.
Од друга страна Job Fair за компаниите претставува одлична шанса за таргетирана промоција, информирање и истражување на идната работна сила во Македонија, како и проширување на кадарот во сопствените компании преку интерес за вработување на студентите кои оставиле CV.
Одредени компании ќе имаат и можност за презентација на сопствената компанија и споделување на искуства и совети кои ќе ги поттикнат студентите да вложат повеќе труд и време во градењето на својата кариера.
Саемот за вработување и кариера веќе неколку години се одржува во просториите на комплексот технички факултети во Карпош II, па така и оваа година од 22-ри до 24-ти Април можете да го посетите настанот токму на оваа локација. Job Fair се организира од студенти-членови на БЕСТ Скопје кои неколку месеци напорно работат за да обезбедат подобри можности за вработување за своите колеги и врсници.
БЕСТ Скопје ги поканува сите студенти да го посетат овогодинешниот саем и да се запознаат одблиску со нивните идни работодавци, а своите кратки биографии можат да ги остават на веб страницата www.jobfair.org.mk
______________________________________
БЕСТ – „Борд на европски студенти по технологија“ е непрофитна и неполитичка организација која на студентите им дава можност да го да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Од друга страна, БЕСТ исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници, воедно и водење на интернационален центар за кариера.