„Скопје се сеќава“ на катастрофалниот земјотрес

По повод одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Градот Скопје во координација со Универзалната сала во Скопје, како носител на проектот и други институции ќе организираат неколку месечни активности под мотото „Скопје се сеќава”.

Активностите имаат за цел да потсетат на немилиот настан, но и настан со кој, за жал, Скопје во тоа време стана центар на светот. Со овој проект Скопје во 2013 повторно треба да стане „центар” на светот, град кој ќе биде перцепиран како: модерен, отворен, космополитски, хуман  и непосреден.

  • Скопје мина голем пат од моментот кога стрелките на часовникот на Музејот на град Скопје (тогаш Старата железничка станица), застанаа на 05 часот и 17 минути. Низ годините, Скопје се менуваше, но силата и визијата на скопјани – остануваше. Денес тоа е вистинска метропола, град кој црпи сила и енергија од неговите граѓани, град збратимен со 18 градови, а соработува и има пријателски однос со повеќе од 50 градови низ Светот. На одбележувањето на половина век од катастрофалниот земјотрес во Скопје, нам ни останува да продолжиме да го градиме Скопје, со единствена цел-подобар живот за неговите граѓани, но и да не заборавиме дека во ова Скопје, пред се, се гради соживотот, мултикултурноста, меѓусебното разбирање и религиската хармонија, истакна градоначалникот на Град скопје, Коце Трајановски.

Во соработка со Министерството за надворешни работи, македонските амбасади во странство, здруженијата на Македонците во одредени земји  и збратимените градови, ќе се изрази благодарност до сите оние хумани земји и граѓани што помогнаа по земјотресот, кога 80% од градот беше уништен или оштетен, урнатините затрупаа 1 000 жртви, а 100 000 луѓе останаа без дом. Со креативната платформа „Скопје ви се заблагодарува“,Градот Скопје планира активности со кои ќе се заблагодари за хуманоста покажана во минатото.

Сите овие активности би го поттикнале интересот за Скопје како инспиративна туристичка дестинација, би испратиле порака дека граѓаните на Скопје со генерации споделуваат исти вредности и ги карактеризира храброст, хуманост,  визија и надеж. Проектот цели да ги обедини Скопјани, да ги инспирира да се вклучат во активностите и да поттикне нови идеи и активности со кои сите ќе се гордееме.

  • По повод јубилејните 50 години од скопскиот земјотрес, под мотото „Скопје се сеќава” низ разновидна програма ќе се обидеме скопјани да ги потсетиме на немилиот настан, на случувањата и чувствата од тоа време, а кои до ден-денес се дел од сите нас. Под една поширока платформа обединуваме голем број  институции и организации кои имаат заедничка цел да обединат, да мотивираат и испратат заедничка порака. Неколку од тие институции што досега со свои проекти влегоа во програмата се: Црвениот крст, Македонскиот народен театар, Кинотеката на Македонија, Здружението на Албанци историчари во Македонија и многу други. Досега се избрани 40-тина проекти но, станува збор за отворен проект во кој може да се вклучат сите заинтересирани државни институции, приватни компании и невладини организации, за Скопје повторно да стане центар на светот, град кој ќе обединува, ќе испраќа позитивни пораки и ќе мотивира кон почитувањето на човечките вредности, рече Вера Бошкова, директорка на Универзалната сала-Скопје.

Ретки се градовите во светот кои доживеале таква природна катастрофа и невидена катаклизма, но истовремено и толку голем одѕив за помош, искажана солидарност, љубов спрема градот и настраданите жители, потенцираше Данило Коцевски, познат патеписец, писател, хроничар, но и  вљубеник во Скопје.

  • Набргу за помош се огласи целата југословенска и меѓународна заедница. За прв пат во историјата, за Скопје заседаваше Генералното собрание на Обединетите нации, а формиран е Консултативен одбор и Специјален фонд при ООН за помош на Скопје. Во градот се испраќаше помош од целиот свет, а прв пат по Втората светска војна тука се сретнаа претставници од единиците на Американската и од Советската војска. Тоа утро, Скопје беше рането, неочекувано и подмолно нападнато, но не и победено. Тоа и иднината го покажа. За тој непокор на скопјаните и нивното достоинство, ќе ја наведам мислата на славниот Циборовски, полски урбанист, кој многу помогна и се зближи со градот Скопје. Тој вели: „Во Скопје дојдов веднаш по земјотресот. Правот речиси не беше слегнат. Видов разурнат град каков што дотогаш немав видено. Но, и достоинствени и горди луѓе. Тогаш си реков: ќе живее овој град штом има вакви непокорни жители, кои не отстапуваат и пред големата стихија“, кажа Коцевски.

Активностите ќе почнат веќе идниот месец, додека поинтензивни активности се планираат  во деновите пред 26 Јули, со еден централен мултимедијален настан на самиот ден.

You May Also Like