Во населба Илинден вчера (четврток, 15 ноември) беше предаден во употреба новоизградениот Дом на култура „Илинден“. Пред поголем број граѓани Домот на култура во употреба го пуштија премиерот Никола Груевски, министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски.
Домот на култура „Илинден“ е дел од капиталниот проект на Општина Илинден „10 Домови на културата“, на три нивоа е, и се простира на површина 900 метри квадратни. Изграден според сите светски стандарди, располага со галерија за ликовни изложби, сала за приеми и одржување на свечени настани, сала за кино проекции, театарски претстави и фолклорни манифестации, конференциски сали, сали за семинари и работилници, сала за венчавки, информатички центар, општинска библиотека, како и простории за здруженија и невладини организации.
Инвестицијата во овој капитален објект е 500 илјади евра, од кои 200 илјади евра се дел од проектот финансиран од страна на Европската унија „Општински награди“, за наградата што Општина Илинден ја освои за Локален економски развој а 300 илјади евра се од Буџетот на Општина Илинден.
Изградбата на Домот на култура „Илинден“ е дел од капиталниот Проект на Општина Илинден „10 Домови на културата“, во рамките на кој комплетно се изградени, реконструирани и опремени Домовите на култура: „Кадино“ – 320 м2, „Мршевци“ – 250м2, „Дељадровци“ – 200 м2, „Бујковци“ – 132 м2, „Бучинци“- 100 м2 и „Текија“ – 60м2.