Предавање на Софија Грандаковска за Евреите

Професор Софија Грандаковска ќе одржи предавање со наслов Чии граѓани беа Евреите депортирани од Македонија? Предавањето ќе се одржи во четврток (8 мај, 2014 год.), со почеток во 19.00 часот во просторот на Менада во Скопје.

Предавањето е дел од третото по ред издание на симпозиумот Кураторски размени 3: Курирање општество и продукција на моќ.

Предавањето ќе биде придружено со отворена дискусија со гостите и публиката.

Кураторски размени е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Кураторски размени 3: Курирање општество и продукција на моќ се одржува во периодот од 7 до 9 мај и е подготвен со намера да се осврне на прашањето за тоа како теолошки, политички и економски изведениот дискурс денес, може да курира општествено критички концепт, или, на кој начин дискурсот произведен од државата, теологијата и политиката се вклопува во денешниот културен контекст. Освен предавањето на проф. Софија Грандаковска програмата вклучува и предавање од проф. Гил Аниџар (Gil Anidjar), изложба на уметницата Христина Иваноска и разговор помеѓу авторката и културниот теоретичар Искра Гешоска.

Д-р Софија Грандаковска е професор по општа и компаративна книжевност. Примарен предмет на нејзин научен интерес се интердисциплинарни истражувања од областа на компаративните културни студии и холокаустот, еврејската историја и византологијата.

Била стипендист на The Baron Friedrich Carl von Oppenheim Chair for the Study of Racism, Antisemitism, and the Holocaust во Ерусалим, Израел во 2013-14 г. каде го спровела своето постдокторско истражување од областа на историјата: „Холокаустот во Македонија и депортацијата на Евреите од Македонија“. Користела номинација за научен престој од Македонската Академија на Науките и Уметностите во Српската Академија на Науките и Уметностите во 2007 г., во Византолошкиот и Балканолошкиот институт; и номинација од press to exit project space за интелектуална размена за нејзиното академско остварување во Р. Македонија во културниот центар apexart во Њујорк, во 2009-2010 година.

Во 2006 година, С. Грандаковска е прогласена за Најдобар млад научник на годината за 2005 г. и е сè уште единствен носител на престижното признание доделено од Фондот за млади научници „Вита Поп-Јорданова“ при Македонската Акаемија на Науките и Уметностите.

Работела во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ каде предавала Современи теории на културата, Поетиката на византиската книжевност и Холокаустот и неговите теоретски дискурси.

You May Also Like