Mинистерката за култура Канческа-Милевска заедно шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Аиво Орав, денеска (четврток, 26 април) на Скопскиот саем присуствуваа на промоцијата на проектите за книжевни преводи, од програмата Култура 2007-2013 на Европската Унија.
Канческа-Милевска пред присутните издавачи истакна дека промоцијата на овие преводи го потврдува интересот на Министерството за култура за вклучување на нашата држава во рамките на меѓународните структури и организации од областа на културата, имплементација на програмите за култура на европските институции, зголемување на пазарот на македонската културна продукција како и унапредување на размената и знаењето залитературата и европското книжевно наследство.
-Овие проекти ги потврдуваат и извонредните резултати на македонските издавачи во спроведувањето на Програмата култура 2007- 2013 на национално, регионално и на европско ниво, како и во промоцијата на составните делови на програмата: културната разноликост, мултијазичноста и интеркултурниот дијалог, додаде Канческа-Милевска. Таа додаде дека Република Македонија покажа забележителни успеси во имплементацијата на Програмата Култура, особено во издавачкиот сектор.
-Резултатите на македонските издавачки куќи по бројот на поддржани проекти (17 од вкупно 38-те проекти поддржани од програмата Култура 2007-2013) се слични со оние на словенечките издавачки куќи, и како такви претставуваат сериозен успех на нашата држава во европски рамки. Според финансиската подршка од ЕУ, Република Македонија може да се спореди не само со Република Словенија, туку и со поголемите земји, потенцираше министерката за култура.
Шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Аиво Орав во своето обраќање истакна дека Програмите на ЕУ, вклучувајќи ја и програмата „Култура“, се моќни двигатели за развој на поединци и институции.
– Програмата „Култура“ обезбедува помош за иницијативите чија цел е прославувањето на европската културна разновидност и зацврстувањето на нашето заедничко културно наследство, преку развојот на прекугранична соработка меѓу културните дејци и институции. Во програмата „Култура“ учество може да земат граѓани, културни институции, невладини организации и државни администрации, потенцираше евроамбасадорот Орав.
По промоцијата се одржа и Инфо ден за проекти за книжевни преводи, во рамки на кој беа претставени критериумите и електонскиот формулар за аплицирање. Воедно претставниците на издавачките куќи ги претставија досегашните успешни проекти од овој дел на програмата.