Почнува Вевчанскиот театар под отворено небо

Во пресрет на Стара Нова година и празникот Василица, во Вевчани викендов се одржува традиционалниот Вевчански карневал.

Oфицијалниот старт е утре напладне и вечерта ќе продолжи со фолк-програма и учество на Чаки панкерот, Дијана бенд, Нино Величковски и Благица Павловска.

Карневалот завршува на зајдисонце на Василица, 14 јануари, со церемонијално палење на маските. Фрлањето на маските во огнот го симболизира уништувањето на злото, прочистување од лоши духови и влегување со чиста душа во новата година која на тој датум почнувала според стариот календар.

Годинава  ќе гостуваат музичари од Македонија и од соседните земји. Преткарневалската програма почна вчера со новогодишен концерт на КУД Дримкол од Вевчани, а вечер ќе настапат: Скандал састав, Верица Ристевска, Стрингс – Пламенка Трајковска трио, Пука козметика и Дивље јагоде. Пред вечерашниот концерт ќе биде презентиран и меѓународниот проект „Карневалот крал на Европа“.

Дефилето е на вевчанските улици, кои стануваат театар под отворено небо. Покрај традиционалните маски – Невеста и Зет, Глупав Август, Музичари и Ѓаволи, останатите се по избор на карневалските групи кои секојдневниот и социјалниот живот го исмеваат и преку своите костуми и гестикулацијата.

You May Also Like