Министерството за култура ја информира јавноста дека денеска околу пладне избувна пожар на дел од покривната конструкција на објектот во изградба „Стар театар“. Врз основа на добиените информации од надлежните, нема повредени работници, а е предизвикана незначителна материјална штета.
Пожарот избувнал на дел од дрвената потконструкција и поради спецификата на материјалот (битуменизирана оплата), предизвикан е густ чад, кој според надзорниот орган на објектот, ќе биде видлив уште извесно време. Во внатрешноста на објектот нема никакво оштетување.
Благодарение на брзата интервенција на екипите на противпожарната бригада, пожарот е локализиран. Надлежните органи ги преземаат сите потребни мерки за утврдување на причините поради кои е настанат пожарот.
Напомнуваме дека објектот е целосно осигуран од страна на секој изведувач поединечно, а штетата во целост ќе биде надоместена од изведувачите.