Вчера (четврток, 20 септември, 2012 година) на Плоштадот Македонија, се реализираше Мултимедијален настан за подигнување на јавната свест за промоција на еднакви права на лицата со посебни потреби, којшто е дел од Меѓународниот проект „Еднаков пристап за лицата со инвалидитет преку примена на методологијата „услужно учење“ ( „Ensuring Equal Access through Service Learning for Persons with Disabilities“).
Приоритетна цел на Градот Скопје е остварување ефективна социјална и здравствена заштита на лицата со посебни потреби, како и поддршка на иницијативи коишто се залагаат за остварување и подобрување на нивните права.
Во таа насока, Градот Скопје, реализира многу програми и активности што придонесуваат кон промовирање и унапредување на квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби, и со тоа ја потврдува својата цврста определба за хуманизација на односите меѓу луѓето. Потврда за тоа е и поддршката што Градот Скопје, ја даде во организирање на денешниот мултимедијален настан. Придобивките од овој настан треба да бидат заземање правилен став и овозможување промоција и гарантирање на еднакви права на лицата со посебни потреби.
Проектот е поддржан преку Грант од Фондот за Иновативен Ангажман на Алумните на САД (Alumni Innovation Engagement Fund – AEIF), а имплементиран преку Македонско Американската Алумни Асоцијација (МААА). Проектот истовремено се реализира во Р. Македонија и во Р. Хрватска. Од 683 апликации, по периодот на гласање преку мрежата на алумните на САД (State Alumni Network – https://alumni.state.gov), овој проект беше рангиран како трет на светската ранг–листа.
Глобална цел на Проектот е почеток на суштински промени во образовниот процес и професионалното дејствување во општеството, а придобивките – да се заземе правилен став и овозможи промоција и гарантирање на еднакви права, согласно со Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидитет (чл. 24 и 9).
Проектот, почна да се реализира во ноември 2011 год. и покрај МААА, партнери во проектот се: Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ), Скопје, Универзитетот Југоисточна Европа (ЈЕИ) во Тетово, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, Универзитетот ФОН – Скопје, Универзитетот од Загреб, Универзитетот од Сплит, невладините организации Здружението на студенти и младинци со хендикеп, Мобилноста предизвик, Во мојот свет, Коалицијата за одржлив развој, Македонското научно здружение за аутизам, Дајте ни крилја (листата се зголемува секојдневно), а секако поддржувачи се Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Македонската Радио Телевизија .