Вчера (недела, 23 септември, 2012 година) на Камениот мост во Скопје, се одржа третата по ред Манифестација „Појадок на мост 2012“. Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто го искористи утрото за да појадува со околу 2000 граѓани.
Влезот за присуство на Манифестацијата, како и секоја година, така и оваа беше бесплатен, но само со однапред обезбедени влезници, за коишто граѓаните на Скопје, се пријавуваа на пунктот поставен пред градската кафеана Пелистер на Плоштадот Македонија. Поради комплексноста на просторот каде што се одржува Манифестацијата „Појадок на Мост“, бројот на влезниците беше ограничен на околу 2000 влезници. Локацијата, каде што трета година по ред се одржува Манифестацијата – Камениот мост, е избрана, зашто овој мост е симбол на градот Скопје.
Реализатор на проектот е СУГС „Лазар Танев“ – Скопје, а храната беше однапред подготвена во специјални кутии (околу 2 200 пакетчиња), за музичкиот дел од Манифестацијата, задолжени беа и уличните свирачи на Град Скопје.
Организатор и покровител на годинешната Манифестација е Градот Скопје, Секторот за Локален економски развој на Град Скопје и Средното угостителско училиште на Град Скопје „Лазар Танев“.