Охридскиот книжевен и научен центар (куќата на Уранија) е местото каде од вчера (среда, 22 август) па се до сабота ќе се случува научната и уметничка визита на МАНУ во Охрид. Повод за одржување на оваа посета, меѓудругото е заокружување на чествувањето на 45 годишнината од основањето на Академијата, токму во куќата во која биле прогласени првите членови на МАНУ.
На оваа свеченост актуелниот претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски му го врачи високото научно и уметничко признание Блаже Конески на шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон за афирмација на македонската култура во шпанското јазично подрачје.
Пригодна реч за творештвото на Падрон одржа академик Матеја Матевски. Меѓудругото, тој се обиде преку зборови да оформи една скица за ликот, делото и творечкиот зафат на големиот почитувач на македонската култура и наука за чија афирмација и го доби златниот медалон Блаже Конески.
-Падрон има импозантен опус, неговото творештво е навистина импресивно. Тој има 27 лирски книги како врвен лиричар и е бездруго еден од најпреведуваните живи поети на шпанската литература, наградуван на сите континенти. Со ова признание ние сакаме да му одадеме почит на овој светски книжевник и голем почитувач на Македонија кој цели 30 години се залага за нашата земја. Доказ на неговата големина како вистински пријател на нашава земја е и објавувањето на антологијата на македонската поезија во списанието ,,Eквиваленсијанс”, а поради неговите заслуги и ревносен ангажман за Македонија беше именуван за почесен генерален козул на Македонија која дејност ја врши и денес. – рече академик Матевски.
На крајот на своето обраќање Падрон во знак на благодарност ја прочита својата поема посветена на Блаже Конески.
Во вториот дел од свеченоста беше отворена пристапната камерна изложба на Глигор Чемерски за чие творештво говореше академик Влада Урошевиќ и свечено му беше врачена дипломата за прием во МАНУ.
„Чемерски е граѓанин на светот, неговото творештво зазема инзвондредно значајно место во пантеонот на македноските духовни вредности. Карактеристични за неговото творештво се три одлики. Во прв ред тоа е неговата доследност во се што прави. Втората карактеристика е екстазата , еден вид опиеност од македонската земја, нејзинините органски димензии и траги од минатото. Тој, како ретко кој уметник прави исклучителен спој на модерното сликарство со македонската традиција, во неговите слики има раскош од асоцијации и е оживеан текот на времето. И накрај, трета одлика е поттикнување на емотивната клима со интелектуалниот поттекст” – истакна академик Урошевиќ.
Научната манифестација во куќата на Уранија продолжува во петок од 20 часот со пристапната изложба на Газанфер Бајрам чие ументичко дело ќе го претстави секретарот на одделението за уметност на МАНУ, академик Луан Старова. Промоцијата на најновите научни трудови на тројца членови на МАНУ ќе се одржи во сабота од 11 часот. Академик Георги Старделов ќе ги претстави ,,Македоснкиот преродбенички 19 век” и ,,Филозофија на правото” од актуелниот претседател на Академијата, Камбовски. Тој пак ќе биде промотор на книгата „Голем Град – Преспа” на академик Вера Битракова- Грозданова”.
Ивана Чичоска