Промоција на книгата „Светот без граници“ од д–р Срѓан Керим

Промоција на книгата „Светот без граници“ од д–р Срѓан Керим…

Панел: Васко Наумовски, Звонимир Јанкуловски, Абдулменаф Беџети, Ивица Боцевски
Пред читателот се наоѓа една мошне интересна книга создадена од еден од нашите најпознати интелектуалци – Срѓан Керим.
Имено, се работи за разговори што Керим ги има водено во 2021 година со хрватскиот публицист Дарко Плевник. Книгата има мошне укажувачки наслов: Светот без граници– визија на човекот што беше „претседател на светот“.
Темите опфатени во овие разговори се многу предизвикувачки: периодот на детството и на школувањето, неговото политичко созревање, но и неговата кариера како универзитетски професор, врвен дипломат во еден тежок транзициски период од 1990-тите години, па сѐдокрајот на првата деценија на дваесеттиот век, неговата кариера како амбасадор во времето на постмодерната и тероризмот, но и како претседател на Генералното собрание на ООН. Многу се важни и провокативни неговите размислувања околу тоа каде оди утрешниот свет.
Ова четиво не може никого да го остави рамнодушен, без оглед на тоа дали се согласуваме или не со ставовите на авторот.
______________________________________
Срѓан Керим е политичар, амбасадор, министер за надворешни работи на РМ и претседател на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008 г.
Роден е во Скопје на 12 декември 1948 г. во семејството на Олга и Асан Керим. Неговото детство минува во Скопје, Истанбул, Минхен и Белград. Учи средно католичко училиште во Минхенската „Theresien Gymnasium“, како и во Петта белградска гимназија во Белград. Дипломира на Факултетот за економија при Универзитетот во Белград во 1971 г. и докторира на тема од интернационална економија во 1982 г. Животот му се одвива, според неговите кажувања, во единаесет градови низ светот.
Во 1986 г. бил именуван за министер за надворешни работи во Владата на Социјалистичка Република Македонија, извршувајќи ја функцијата сè до 1989 г. По осамостојувањето на Република Македонија, Керим бил амбасадор на Република Македонија во Германија (1994-2000), во Швајцарија и Лихтенштајн (1995-2000).
На 24 мај 2007 година, тој е избран за претседател на 62. заседание на Генералното собрание на ОН со мандат од една година. Приоритети на ова заседание на Генералното собрание на ОН биле: справување со климатските промени, финансирање на развојот, имплементација на глобалната стратегија за контратероризам, спроведување реформи во ООН и продолжување на мерките за постигнување на милениумските развојни цели.
Помеѓу 2008 и 2009 година тој бил специјален пратеник на генералниот секретар на ООН за климатските промени.
Од 2008 год д-р Керим е член на Советот на поранешни претседатели на Генералното собрание на ООН.
Од 2021 е Претседател на Центарот за европска соработка со седиште во Загреб и Опатија.

You May Also Like