Македонија на саем за туризам во Белград

Во организација на тимот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Македонија успешно ги претстави туристичките потенцијали и можности на саемот за туризам во Белград, Србија.

Во рамките на деветтиот по ред Меѓународен саем за туризам на кој учествуваше Македонија оваа година, беше организирано уште едно успешно претставување на новините во областа на туризмот пред огромен број заинтересирани српски туристи и новинари. Посетителите имаа можност да уживаат во традиционална македонска храна, прекрасни вина и македонската музика и ора.

Љубиша Георгиевски, Амбасадорот на Република Македонија во Србија истакна дека македонската презентација на Саемот за туризам во Белград се одликуваше со една ветувачка зрелост и според видот и начинот на  агитирање и според посетеноста и уредбата на самиот штанд.

-Ова покажува нешто добро , но за жал и нешто недоволно. Доброто е во зрелоста на концептот и компетентноста на самата изведба што сугерираат зрелост. Но зрелоста сама по себе е меч со две оштрици: зрелоста сама по себе е не само повик за понатамошен раст, туку истовремено е и аларм кој предупредува на потребата за понатамошен развој, оти по зрелоста ако таа не се развива офанзивно, следува некроза!? Новумот кој го сугерира зрелоста на нашиот туризам (кој е зрел за промени) би се состоел во  осмислување на што повеќе сегменти на  туризмот: здравствениот, религиозниот, забавниот, хуманитарниот, рекреативниот….. Овие промени треба да започнат од амперацијата на  тарегтираните туристи од ниска средна класа кон висока, па и највисока. Таквите туристи не се задоволуваат само со сончање на преполните плажи, туку сакаат густа, атрактивна програма со сите можни сегменти.Инаку нашиот  штанд по ништо не се разликуваше од грчките пандани, иако тие ниту  имаат, ниту наскоро ќе имаат едно „Охридско лето“ на пример- изјави Амбасадорот Георгиевски.

На саемот за туризам во Белград,  Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам на Македонија, Г-дин Јордан Трајков имаше средба со претставници на туристичките организации од земјите во Југоисточна Европа на која беа договорени заеднички активности во областа на туризмот. Средбата имаше за цел регионот да се претвори во заеднички бренд за да се привлекуваат туристи од  трети, далечни пазари: Кина, Индија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Америка.

You May Also Like