Градинката „Корчагин“ добитник на „Зелено знаме“

По успешно спроведување на Програмата „Интеграција за еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ стана добитник на највисоко признание „Зелено знаме“, со што стана прва градинка од Општина Центар и од градот Скопје која е носител на ова високо признание за својата педагошка работа.

Официјалното прогласување на градинките, основните и средните училишта кои беа наградени со зелено знаме, сребрено или бронзено ниво, се одржа по четврти пат на традиционалниот ЕКО-САМИТ на 21 и 22 февруари 2013 година во хотелот Белведере во Охрид.

Одлуката за наградување ја донесе специјална комисија, во чиј состав влегоа претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образование, Државниот просветен инспекторат, Швајцарската агенција за развој и соработка и претставник од Здружението „ОХО“.
По тој повод, вчера дечињата од оваа градинка, приредија незаборавна детска забава за сите присутни гости, кои дојдоа овие убави и значајни моменти, заеднички со нив да ги споделат. На детскиот израз неможеше да се сокрие среќата, гордоста и задоволството од заслужениот успех. Преку еколошките активности, тие научија дека еколошките вредности одат заедно со етичките вредности: љубов, мир, почитување и толеранција.

Квалитентата воспитно-образовна работа, на воспитниот тим во градинката, предводени од директорот, педагогот и координаторот на програмата и нивната посветеност во реализацијата на содржини на полетo на еколошката едукација на децата во градинката „Корчагин“, резултираа со стекнување на нови знаења и вештини, кај децата од предучилишна возраст, во врска со улогата на детето во заштита и зачувување на природната средина.

– Бројните активности, предводени од креативните воспитувачи и децата од градинката,  овозможија преку игра и забава, во пријатна и релаксирана атмосфера во градинката и пошироката околина, да се постигнат видливи и трајни резултати во зачувување на убавините на природата, кои што надворешните евалуатори на програмата, умееjа да го препознаат. Со тоа градинката „Корчагин“ ја доби Интернационалната награда „Зелено знаме“ и на тој начин влезе во мрежата на интернационални Еко – градинки од целиот свет. Задоволството е дотолку поголемо, ако се знае дека градинката „Корчагин“ е првата градинка од Скопје, која што го добива оваа високо и престижно признание. Во оваа прилика, ја користиме можноста да и се заблагодариме на Општината Центар за безусловната поддршка, која што ни ја дава во реализацијата на згрижувачко-воспитно образовната работа со децата, – истакна Злата Николиќ, директор на градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“.

 

You May Also Like