„Лице в лице“ со третото доба

Околу 15 пензионирани жени денеска (петок, 8 март) во 11:00 часот ќе ги споделуваат своите животни и работни искуства со продавачите на активистичкото улично списание „Лице в лице“ во Дневниот центар на Црвениот крст на Град Скопје. Во исто време и едните и другите ќе уживаат во домашните колачиња што за нив ги подготвија волонтерки кои се дел од овој центар.

Дружењето го организира Црвениот крст на Град Скопје во соработка со Регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ кои заеднички делуваат во создавањето подобра иднина на маргинализираните групи.

-Врз основа на интересирањата на продавачите на списанието (бездомници, младинци од улица, припадници на социјално загрозени семејства) за кои што програмата низ која што поминуваат сега е отскочна штица за креирање подостоинствен живот, избравме и пензионерки кои својот професионален живот го поминале во сегмент во кој што во иднина се гледаат и продавачите. Оние што копнеат да бидат музичари, ќе се дружат со музичарки, на оние што сакаат да бидат фризери, друштво ќе им прават поранешни фризерки… Вака полесно ќе им тече муабетот, а се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина- велат организаторите.

Пензионерките од волонтерките, во знак на благодарност ќе добијат рози, а од продавачите пакет списанија „Лице в лице“ од македонските изданија, а и од оние кои што излегуваат во регионот.

-Многу сакам да набљудувам кога некој свири на тапани. Кога го гледам – учам. После тоа се обидувам на некој тврд предмет истото да го повторам. Сакам да бидам во друштво на музичари. Знам дека од нив секогаш можам нешто да научам- вели Армандо Садик, продавач на „Лице в лице“.

Тој има 17 години и голема желба да направи крупни промени кај себеси. Години наназад за него се грижат во Дневниот центар за деца на улицаво Шуто Оризари со чија помош е тргнат од улица, а од неодамна почна да го усовршува читањето со помош на волонтер од Црвениот крст.

Денешната дружба со пензионерките е само почеток во следните активности кои ќе се реализираат во Дневниот центар на Црвениот крст во соработка со Центарот за деца на улица во Шуто Оризари, а во насока на подобрување на социјалниот живот на продавачите на списанието „Лице в лице“.

You May Also Like