Крива Паланка распиша Меѓународен конкурс за карикатура „Снаа-свекрва“

Организацискиот одбор на културната манифестација „Невестинско поклонение на св.Теодор Тирон“, село Конопница, под покровителство на општина Крива Паланка го распиша вториот Меѓународен конкурс за карикатура на тема „Снаа-Свекрва“.

Годинашниот конкурс симболично започнува на 1 април, денот на шегата, а ќе трае до крајот на месецот. Секој автор може да учествува со најмногу три безтекстуални карикатури, а пријавувањето се врши со пополнување на формулар за учество објавен во прилог на конкурсот на веб-страницата на општина Крива Паланка.

– Со формуларот за учество на конкурсот на веб-страницата на општината е објавена и електорнската адреса на која треба да бидат доставени карикатурите. Авторот е должен да го достави делото во А3 формат, исклучиво во електронска форма, оригинал или скенирано. Пожелно е авторите да дсотават и кратка биографија, а наградените учесници имаат обврска карикатурите да ги достават во оригинална форма во рок од 15 дена по објавување на резултатите, информираше за дел од условите за учество авторот на конкурсот Стојанче Величковски.

Величковски ги повика карикатуристите од земјава и светот да учествуваат на вториот меѓународен конкурс за карикатура со специфична и скокотлива тема, со што ќе се потврди и нејзината универзалност.

– Минатата година иако за прв пат општината го организираше конкурсот, изненадувачки, пристигнаа 187 карикатури од 87 автори, од 40 земји од светот. Годинава очекуваме уште поголем интерес од страна на карикатуристите од сите земјини континенти, рече Величковски, кој потенцираше дека жирито од еминентни карикатуристи ќе има еден месец по завршувањето на конкурсот да го разгледа и подготви пристигнатите дела. Претседател на жири-комисијата ќе биде минатогодишниотносител на гран-при наградата, Милан Алешевиќ од Словенија, а члeнови Јовчо Савов од Бугарија, Никола Ангелковски и Јордан Поп-Илиев од Скопје, а во жирирањето ќе учествуват градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, во својство на организатор и директорот на ЛУ „Градски музеј“ , Драган Величковски и јас како автор на конкурсот-изјави Стојанче Величковски.

Електронската адреса на која може да се доставуваат творбите е contest@brides-veneration.com , а организаторите и годинава обезбедија парични награди за првонаградените три карикатуристи и за добитникот на гран-при наградата кој ќе добие и статуетка „Невестулка“ , а специјална награда ќе биде доделена за најмлад талентиран автор на конкурсот.

You May Also Like