Илинденските чествувања во Канада траеја една седмица

Цели седум дена Амбасадата на Република Македонија и македонската заедница во Канада го чествуваа Илинден. Величествено отворена со маршот и звуците на Канадската кралска гарда, исполнета со предавања, презентации и панихиди за македонските херои, Илинденската недела кулминираше со Илинденскиот пикник, на кој традиционално се собраа повеќе илјади Македонци.

Најголемиот тримф на Илинденските чествување е веќе традиционалната Илинденска смотра на Канадската кралска гарда. Македонците од Монтреал, Отава, Торонто и други помали градови веќе трета година се собираат пред грандиозната зграда на парламентот на Канада, каде во чест на македонскиот национален празник кралската гарда во свечените униформи и со полниот состав на оркестарот поминува под македонското знаме.

Дефилето е во организација на македонската амбасада, канадскиот државен протокол и Канадското министерство за одбрана.

Оваа година во организација на Македонската амбасада во Отава беше одржано и предавањето „Методија Андонов – Ченто – лидер на македонскиот пат за слобода и демократија во дваесеттиот век“.

Во повеќе македонски цркви низ Канада беа одржани панихиди и црковни богослужби по повод денот на големиот македонски и христијански светец Свети Илија, а македонските организации положија и венци за паднатите херои за слободата на Македонија на споменикот пред Соборниот храм Св. Климент Охридски во Торонто.

Премиерот Никола Груевски им го честиташе Илинден на Македонците во Канада во своето ексклузивно интервју за Македонското патриотско радио од Торонто, а писмо со честитки испрати и претседателот Ѓорге Иванов.

You May Also Like