Денеска (понеделник, 6 август, 2012 година) во НУ Завод и музеј Битола, во 12:00 часот, Здружението на граѓани ЕКОВАСТ (Европски совет за села и мали градови) ќе го реализира својот меѓународен културно-научен настан „Балкански погранични градови и региони“.
Оваа културна содржина во рамките на Бит Фест е поттикната од културното наследство како дел од материјалната култура на еден народ, поточно од културното наследство на Битола и битолскиот регион, како пограничен град, што е предмет на интерес и мотивација за овој проект. Овој настан ги поврзува професионалците од областа на заштитата на културното наследство, музеологијата, науката и високото образование од четирите балкански земји Р.Србија, Р.Бугарија, Р.Грција и Република Македонија што се посветени на таа проблематика.
Предмет на овој настан е традиционалната архитектура и специфичната културна антропологија на неколку погранични градови и региони преку една заедничка изложба на учесниците во проектот, преку излагања за културното наследство од сферата на етнологијајата и архитектурата и проекција на етнолошки филм.
Учесници се етнолози и антрополози од балканските простори кои ја истражувале традиционалната култура и културното наследство од повеќе аспекти и имаат искуство во популаризација и презентација на истото. Целта на овој проект е презентирање на културните влијанија на Балканот, влијанијата на миграциите и метанастазичките движења кои оставиле траги врз материјалната и духовната култура кај сите балкански народи. Овие траги од меѓусебните влијанија се сочувани до денес во различни форми и трансформирајќи се низ времето, сепак оставаат цврста нишка на поврзување на сите сфери на живеењето на овој балкански простор.
Овој културно научен настан се состои од : отворање на изложба од областа на традиционалната архитектура, презентирање на трудови поврзани со традиционалната архитектура, како материјално културно наследство во пограничните региони на балканските земји и проекција на етнолошки филм.
Програма:
12.00 Отворање на изложба „Традиционалната архитектура во балканските погранични градови и региони“ – заедничка изложба на учесниците во проектот – ќе ја отвори Д-р Викторија Момева Алтипармаковска, етнолог, советник, конзерватор, НУ Завод и музеј Битола
12.15 Излагања и презентации
– Проф Д-р Милена Беновска Сабкова „Културното наследство и политиката на сеќавањето во пограничниот бугарски град Златоград“
– Д- р Хрисула Воскопулу „Презентација на архивски фотографии на архитектурата во Флорина – Лерин, Р.Грција во периодот 1930 – 1960 од фотографот Јоанис Гразиотис“
– Дница Џокиќ, дипл.етнолог музејски советник и Ема Петровиќ дипл.етнолог музејски советник „Мултикултурниот аспект на народното градителство и неговото влијание врз граѓанското општество во пограничните области на Р.Србија“.
– м-р Софоклис Коцопулос „Историскиот центар на Флорина – Лерин и релациите во културата и архитектурата помеѓу Лерин и Битола на почетокот на 20- тиот век – постер презентација,
– Драгица Чекорова, дипломиран етнолог, виш кустос „Народната архитектура на Повардарието“
– Ефросинија Паревска, студент на ПМФ, Институт за етнологија и антропологија на Скопје, Република Македонија „Традиционалната архитектура во с. Мокрени, Леринско, Р.Грција – сличности на традиционалната архитектура во Пелагонискиот регион, Р.Македонија“
13.30 Проекција на етнолошки филм