Започнува второто издание на Skopje Coffee Fest

„Скопје мириса на кафе“ е мотото на второто издание на Coffee Fest, кој ќе се одржи од 13-16 јуни во кафе бар АБЦ и претставува настан кој го слави мирисот на кафето. настанот започнува денеска (четврток, 13 јуни) во 12:00 часот, а државното првенство на баристи е вечер во 19:00 часот.

Идејата на овој фестивал е на едно место да се соберат сите оние на кои кафето им претставува задоволство (производителите и дистрибутерите на кафе и опрема како и на крајните уживатели).

Во четирите фестивалски дена покрај штандовите на изложувачите на кафе и чај, посетителите ќе можат да бидат дел од фестивалската бина која ќе биде центар за забава и едукација, преку презентации на нови производи, до натпревари на баристи, дегустации, after work забави, работилници наменети за најмладите,  музича програма. Не можеме да го избегнеме и тематско претпладне наречено Старо Скопје – наменето за оние кои го паметат “она” Скопје, ритуалот кафе во тоа време и друштвените игри.

Во рамките на првиот фестивалски ден ќе се одржи второто Државно првенство на баристи на Македонија, во организација на Здружението на бармени на Македонија и Coffee Academy.

Во рамките на Coffee Fest, ќе се одржи и изложба на фотографиите од наградниот конкурс КАФЕ МАФЕ. Најдобрите фотографии ќе бидат наградени од страна на Skopje Coffee Festival со курсеви по фотографија, награди од Купи слика како и ваучери за Coffee Festival.

Фразата “Скопје мириса на кафе” означува повик на дружење и начин со некој близок да поминете дел од своето слободно време. Истражувањата покажуваат дека Македонците навистина уживаат да пијат кафе, тие го идентификуваат ритуалот на пиење кафе со дружењето, блискоста и уживањето. Токму поради тоа одлучивме дека овој настан ќе му го подариме вторпат на градот. – изјави Валентина Гаџовска – организатор на Skopje Coffee Fest 2013.

Кафето има навистина посебна улога во животот на луѓето. Тоа е напивка што споила милиони луѓе во светот на нивниот прв состанок. Напивка што склучила милиони бизниси во целиот свет, што им помогнала на многу студенти да ги завршат големите испити, држејќи го будни и концентрирани. Со кафето е означен официјалниот премин од детството во зрелата доба.

Културата на пиење кафе е долго присутна во европската традиција. Со намера велиме култура на пиење, затоа што пиењето кафе е настан кој со себе носи социјална димензија. Се пие во секоја прилика: со пријатели, со колеги, со роднини и соседи кога ќе дојдат на гости, со поубавата половина, на факултет, кога ќе “киднеме” од часови, на состаноци, наутро со цигара…списокот е речиси бескраен. Омилената реченица која ја слушаме и изговараме барем еднаш во денот е? “Ајде на кафе!”.

You May Also Like