Град Скопје денеска (недела, 11.03.2012 година) го започна капиталниот проект за проширување и реконструкција на улицата Првомајска, во општината Кисела Вода. Почетокот на градежните работи на оваа прометна сообраќајница го означија градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Кисела Вода, Марјан Ѓорчев.
– Денеска го започнуваме проектот што пред моите сограѓани го ветивме во мојата предизборна програма – проширувањето и реконструкцијата на улицата Првомајска, во општината Кисела Вода, една од најголемите и најзначајни сообраќајни артерии во Скопје од која што директно зависат повеќе од 150.000 жители на нашиот град. Овој обемен проект на кој што напорно работевме 2,5 години до крајот на оваа 2012 година ќе стане реалност. Улицата Првомајска во должина од 2,5 километри ќе прерасне во широк и проточен булевар, со уредени тротоари и со странично зеленило и ќе ги потврди заложбите на Градот Скопје за решавање на проблемот со сообраќајниот метеж и, што е најважно, за зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Тој објасни дека со овој проект ќе се реконструираат две делници од улицата Првомајска (во вкупна должина од 2,5 километри) и тоа:
– Делница 1: Потег од „Рампа“ до крстосницата со улицата Народни херои во должина од 1.380 метри и Делница 2: Потег од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри.
– Градежните работи за проширување и реконструкција на улицата Првомајска почнаа од крстосницата со улицата Народни херои во насока кон „Рампа“.
– Постојната сообраќајница по проширувањето ќе се трансформира во булевар со 4 (четири) коловозни ленти (по две во секоја насока) широки по 3,5 метри. Проширувањето на коловозот ќе се одвива по левата страна (гледано во насока од Центар кон Драчево) до општинските бараки во Кисела Вода, а потоа, до Расадникот по двете страни. На потегот од „Рампа“ до општинската зграда, од десната страна на коловозот (гледано од Центар кон Драчево) ќе се формира тротоар широк 2,5 метри, а од левата страна на коловозот ќе се изгради тротоар со велосипедска патека со ширина од три метри. На потегот од општинската зграда до Расадник од десната страна на коловозот ќе се формира тротоар со ширина од 2,5 метри, а од левата страна на коловозот тротоарот и велосипедската патека ќе бидат широки 4 (четири) метри – додаде градоначалникот Трајановски.
Паралелно со градежните работи на првата делница проширувањето на улицата Првомајска ќе се одвива и на втората делница, од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“. Со проширувањето на овој дел улицата Првомајска ќе прерасне во булевар со 4 коловозни ленти (по две во секоја насока) широки по 3,5 метри. Од левата страна на коловозот (гледано од Центар кон Драчево) ќе се изгради тротоар со велосипедска патека со ширина од 4 метри, а од десната страна на булеварот тротоарот ќе биде широк 2 метри.
Постојниот армирано-бетонски мост над Усјанскиот канал ќе се реконструира, ќе се прошири и ќе добие 4 коловозни ленти со пешачка и велосипедска патека.
– Проширениот булевар Првомајска ќе добие ново улично осветлување, просторот од двете страни на коловозот ќе се облагороди со дрвореди, а ќе се постават и клупи и корпи за отпадоци. На проширување и реконструкција на улицата Првомајска ќе работат екипите на конзорциумот „Алпине Бау“ и Жикол од Скопје. Градежните работи треба да завршат за девет месеци.
Во проектот за проширување и реконструкција на улицата Првомајска Градот Скопје ќе вложи околу 4 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој, како кредит, и од Буџетот на Град Скопје. Ги повикувам моите сограѓани да имаат разбирање и да покажат трпение додека траат градежните работи на овој обемен зафат и во своето секојдневно движење да ја користат околната патна мрежа. До крајот на оваа година сите ќе ги уживаме придобивките од овој значаен проект – нагласи градоначалнкот Трајановски.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски изрази задоволство што почнува уште еден капитален проект што ќе биде од корист на граѓаните и што ќе ги реши нивните долгогодишни проблеми. Премиерот Груевски нагласи дека проектот за проширување и реконструкција на улицата Првомајска е уште еден во низата успешни инфраструктурни проекти на Градот Скопје, меѓу кои се и пробивањето на булеварите Илинден, Митрополит Теодосиј Гологанов, Македонска војска и Србија, како и реконструкцијата на бројни клучни сообраќајници во централното градско подрачје.