Документарниот филм „Метох“ промовиран во Бигорскиот манастир

Во Бигорскиот манастир вчера (сабота, 10 септември) премиерно беше изведен документарниот филм „Метох“ на режисерот Стојан Вујичиќ, снимен во овој манастир и во женскиот манастир „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица, покрај Дебар.

Филмот, кој светска премиер имаше на фестивалот „Златен витез“ во Русија, прикажува дел од секојдневието на македонската монашка заедница и мотивите што инспирирале некои од нејзините членови да донесат одлука за замонашување. „Метох“ покажува и како се изработуваат познатите епископски капи (таканаречени митри), кои со години се прават во манастирот во Рајчица, а кои ги носат владиците од многу правозлавни земји.

Според режисерот, филмот покажува дека животот не е само тоа што секојдневно го гледаме. Тој зборува за едноставноста на радоста и за оние кои живеат во целосна посветеност правејќи од своето постоење константа на радост и исполнување.

Терминот метох означува имот во владение на некој манастир, а манастирот во Рајчица е метох на Бигорскиот манастир.

Дваесетминутниот документарн филм е снимен во 2010 година, по идеја на Викторија Стефковска, со приватни средства и донации. Продуцент е Огнен Антов, а во неговата реализација учествуваа Езоп продукција и Дрим фектори.

You May Also Like