Збирка песни за Македонија од Имануел Мифсуд од Малта

На „Скопско лето“ денеска ќе биде промовирана поетската книга „Скопски блуз и други песни од Македонија“ од Имануел Мифсуд (Малта, 1967), прозаист, поет, драмски писател и преведувач.

Препевот од англиски на македонски е на Елена Пренџова која наведува дека неговата книга не обична збирка поезија инспирирана од Скопје и Македонија, туку поетски патепис за нашата земја во кој се мапирани значајните места во главниот град и околината, но и интимните доживувања на поетот додека бил во посета на Македонија.

– Неговото поетско освојување на нашата земја раѓа стихови преку кои ние, нејзините жители, добиваме сосема поинаква перцепција за нашето родно место. Збирката е географско-интимистичка карта на улиците по кои минуваме замижани, на градбите кои махинално ги одминуваме, за доживувањата што само ги животариме под влијание на животната рутина, на чувствата што ни се длабоко закопани поради потрагата по далечното егзотично…

Тоа се стихови кои ни подаруваат нови очила за добро познатите глетки, вели преведувачката на книгата.

Имануел Мифсуд ја посетил Македонија двапати, во септември 2014 и во мај 2015 година, кога и ја напишал збирката поезија „Скопски блуз и други песни од Македонија“.

Тој е трикратен добитник на Националната книжевна награда на Малта – во 2002 година за збирка раскази, во 2014-та за збирка поезија и во 2015 година за роман. Во 2011 година станал првиот малтешки писател кој добил интернационална книжевна награда, кога неговиот роман „Во името на Таткото (и Синот)“ ја освои Наградата за литература на Европската Унија. Овој роман е преведен на многу јазици, меѓу кои и на македонски.

Мифсуд е доктор на науки од областа на книжевноста и работи како универзитетски професор на Државниот универзитет во Малта и ги предава предметите малтешка книжевност и книжевна теорија.

You May Also Like