Уште еден, трет по ред изразито позитивен книжевен осврт кон хрватската објава на наградениот македонски роман „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли под насловот „21 – книга на фантазми“ беше објавен во специјализираната емисија „Библиовизор“ на Третата програма на Храватското радио.
Меѓу трите прикази што ги содржи емисијата посветена на книжевна критика, онаа посветена на македонскиот роман е поместена на почетокот на „Библиовизор“. Автор на инаку опстојниот, единаесетминутен, детален и аналитички прилог посветен на нашиот роман е книжевниот критичар Божидар Алајбеговиќ, кој на почетокот потенцира дека објавата на романот на Османли е петтиот по ред македонски роман објавен во Хрватска последниве 15 години, по што прави детален фабуларен осврт кон романот „Дваесет и првиот“ претставувајќи ја и сложената галерија ликови на македонскиот роман кон беше прогласен за РОман на годината во 2010, а во септемви минатата година се појави во превод на хрватски јазик во издание на загрепски „Сандорф“.
При тоа авторот на критичкиот текст посебно ги фокусира нивоата на поимот транзиција кој во романот на Томислав Османли добива поголем број, не само економски и политички, ами и богати книжевни значења, до оние историски, фантасмагориски, дури и сомнабулни врски меѓу минатото и сегашноста. Станува збор за роман на општествена критика и на универзален поглед, без оглед на македонските референци со кои изобилува романот „Дваесет и првиот“.
Авторот истакнува дека – со комбинирање на различни стилски фигури и дискурси и со продири на фантастика во реалноста и на минатото во сегашноста – Томислав Османли создава сложен, постмодернистички и убедлив роман за хаотичноста на животот на преминот на милениумите. Според хрватскиот книжевен критичар станува збор за еден вешто структуриран, богат и слоевит ракопис во кој авторот бројните ракавци на приказната, ги води суверено и на тој начин го гради дејството на својата книга. Иако во нијансите на овој роман повеќе ќе ужива македонскиот читател, ќе наспомне критичарот Божидар Алајбеговиќ, и домашниот реципиент никако не би требало да го пропушти романот на Томислав Османли, заклучува литераурниот критичар на Хрватското радио.