Учениците од музичкото училиште Пијанофорте со бројни меѓународни награди

Месец мај е месец на награди за талентираните ученици и професори на музичкото училиште ПИЈАНОФОРТЕ.

По успешниот почеток на учебната година за ПИЈАНОФОРТЕ, со гостување на лауреатите во Словенија и бројните високите награди на домашните натпревари, ова музичко училиште со нови високи награди на реномирани натпревари во Белгија и Србија:

  • пет први награди на VI Интернационален натпревар по пијано „Смедерево“, Смедерево 2019
  • втора награда на интернационалниот фестивал за гитара “International Guitar Festival , Tremolo”, Скопје 2019
  • втора и трета награда по виолина на XXIV меѓународен натпревар „Петар Коњовиќ“, Белград 2019
  • две први награди на државниот натпревар “Хорски смотри” во категорија индивидуално пеење Скопје, 2019
  • втора награда за ансамбл со мешовити инструменти на LXVII европски музички фестивал ЕМЈ 2019, Неерпелт, Пелт 2019.

Членови на оркестарот се: Ања Митев, Јан Стојановски, Лука Кадриќ, Елена Димитрова ,Патриција Поповиќ, Стефан Ставридис, Матеј Додевски, Матеј Лозановски, Михаил Стајковиќ, Мила Вукиќевиќ, Инес Ал Сабах, Сара Пешиноска, Филип Волкан, Јана Муличкова, Илина Пановска.

Нашиот талентиран виолински оркестар повторно го освои второто место на престижниот европски музички фестивал “Europees Muziekfestival voor de Jeugd” во Неерпелт, Белгија.

Традиционално, викендот пред Денот на Европа, 9 Мај, градот Неерпелт, Пелт беше домаќин на собирот на млади талентирани музичари кои настапуваат на овој планетарен настан како дел од своите хорови, оркестри и ансамбли. Мноштвото музички настапи се одвиваат пред комисија составена од врвни професионалци од областа на музиката.

Околу тековните активности поразговаравме со д-р Тереза Крцоска, наставник по виолина и ран музички развој и уметнички раководител на камерниот ансамбл ПИЈАНОФОРТЕ.

  • Во 2017 година, ПИЈАНОФОРТЕ на покана на организаторите на фестивалот учествуваше на најпрестижниот Европски музички фестивал “Europees Muziekfestival voor de Jeugd” во Неерпелт, Белгија каде што нашиот виолински оркестар освои второ место. Впечатоците беа незаборавни, а искуството придонесе овој ансамбл да го доживее својот развој до неочекувани граници. Две години растевме, настапувавме, патувавме, учествувавме во добротворни настани, поддржувавме музички работилници за идни ученици по музика и се натпреварувавме.Оваа година се пријавивме на фестивалот ЕМЈ во Неерпелт, Белгија, во проширен состав, вели Крцоска.

Заедно со младата пијанистка Илина Пановска, ученичка на Кристина Ангелова, се здружија најупорните виолинисти од целата виолинска класа на ПИЈАНОФОРТЕ подучувани од професорите Марина Чадо, Олгица Зарова, Тереза Крцоска и Магдалена Попоска. Под диригентската палка и аранжмани подготвени од д-р Тереза Крцоска, оркестарот ја живее досега најуспешната година.

Турнеите, независно дали се со натпреварувачки карактер или се концертни гостувања во сестрински музички училишта, секој пат внесуваат нов дух во ансамблот. Некои од овие деца свират виолина и по осум години. Свират репертоар на ниво за влез во средно музичко училиште, а градат и ансамблова етика на ниво на професионален ансамбл.

  • Како музички педагог,среќна сум што гледам како се дружат меѓу себе, го запознаваат животот и се градат мрежа на пријателства со други земји. Горда сум што земаме високи награди во силна конкуренција и што добиваме пофални зборови од стручното жири. Но, уште посреќна сум што гледам како се дружат преку музика! По прогласувањето на наградите, во кампот каде бевме сместени, учениците се споија со новите пријатели од Холандија сместени во истиот камп и заедно свиреа дел од композициите со кои претходно се натпреваруваа. За мене – нема подобра награда од тоа, потенцира Крцоска.

За нивното скорашно гостување во Xоландија, таа вели:

  • На аеродромот во Ајнховен нашите ученици чекајќи го летот кон своите родни краишта своеволно и со гордост ги отворија своите мали ташни од каде ги извадија своите виолини и започнаа да свират.Посебна глетка полна со љубов кон музиката која пробуди воодушевување и задоволство кај секој минувач, кој застана да го проследи и сними овој мал спонтан чин – едноставно прекрасна завршница. Успех и радост, прекрасен начин да се заврши ова незаборавно гостување на фестивалот ЕМЈ во Неерпелт, Пелт, Белгија.

Дел од атмосферата од настаните во рамките на ЕМЈ 2019 се објавени на нивната веб страница, https://emj.be/ , додека на фејсбук и инстаграм профилите на музичкото училиште ПИЈАНОФОРТЕ, каде постојано ги споделуваат успесите и активностите.

Честитки за сите наши талентирани млади учесници и голема благодарност до менаџментот на ПИЈАНОФОРТЕ и родителите на децата учесници кои безрезервно го поддржаа овој проект, ни рече за крај Крцоска.

Александар Ристевски

You May Also Like