Во организација на Стрип центарот на Македонија-Велес во средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ од 21-26 август се одржа првата стрип колонија во Велес, насловена „Велес 2018“.
На првата стрип колонија која беше финансирана од Министерството за култура и општина Велес учествуваа гости од Србија – Рашка, Лесковац и Белград, од Црна Гора и автори од разни генерации од Македонија.
Секој од учесниците носи и свои стрип албуми и стрип цртежи и им ги прикажува на останатите учесници, а тие со голем интерес го разгледуваат, потоа споделуваат мислења и сугестии. Воедно тие си даваат и коментари за стрипот што го цртаат колегите, па повторно се враќаат на цртањето, а додека бројот на учесници на колонијата од час во час се зголемува, атмосферата станува се поработна и поинтересна.
Колонијата се одржува под менторство на специјалниот гостин проф Владимир Весовиќ, кој 27 години работи во Школата за стрип и илустрациии „Ѓорѓе Лобачев“ од Белград. Тој е стрип уметник, илустратор, графичар и аниматор. Професорот разговара со учесниците им дава коментари и сугестии за стрип делата и им помага да ги развиваат нивните креативни способности. Тој појаснува дека на колонијата нема зададена тема и дека секој од учесниците црта тоа што вообичаено го црта и ќе направи нешто свое, а потоа ќе го остави во Велес.
Срѓан Јерковиќ стрип автор од Белград, информира дека првпат е во Македонија и Велес.
– Одлично е што Велес и Македонија првпат организираат ваква колонија за стрип. Тоа е можност за соработка на стрип авторите од Македонија, Србија и Црна Гора. Разменуваме мислења идеи и искуства и се договараме за идни соработки за развој на стрип културата. Воедно иако сме постари и поискусни ние секогаш учиме нешто ново па и од најмладите талентирани стрип автори кои се полни со нови стрип идеи. Ние стрип авторите сме критичари и меѓусебе си укажуваме на грешките, а го фалиме секој колега за добро нацртан стрип и му даваме поддршка во работата, а што е многу важно за секој стрип автор. Затоа колонијата и во иднина треба да ја поддржат надлежните, а за истата да продолжи да се развива и во наредните години, порача Јерковиќ.
Александар Стеванов 34-годишен од Штип, афирмиран македонски стрип автор, а кој претежно пишува сценарија за кратки стрипови, а се занимава со летеринг и дизајн и има мало искуство за цртање затоа што како што ни појаснува вели дека бавно црта и затоа е подобар во правање сценарио за стрип.
Стеванов е автор на стрип книги, а неодамна ја издаде и книгата „Македонскиот стрип во изданијата на Новосадски Дневник“ заедно со неговите соработници Дарко Богданов и Сашо Гачев. Воедно тој неодамна беше единствен македонски учесник на стрип колонијата во Рашка во Србија.
– Сум учествувал на многу колонии во соседните земји, но што е посебно и значајно што сега и Велес и Македонија добија своја стрип колонија, а учесниците и можност да учат од најпознатите стрип автори и професори за стрип од овој регион, информира Стеванов.
Стеванов редовно учествува на меѓународните стрип фестивали во регионот и пошироко, како на домашните манифестации и групни стрип изложби. Добитник е на десеттина награди од кои најзначајна е онаа за најдобар стрип-сценарист, освоена на 17-тата Балканска смотра на млади стрип автори 2015 година во Лесковац Србија.
Стеванов го доби признанието на СЦМ-Велес за 2017 година насловено „Љупчо Филипов“, а кое секоја година се доделува за развој и афимација на стрипот во Македонија.
Како што појаснува Ване Трајков од СЦМ-Велес, нацртаните стрипови на колонијата ќе бидат во конкуренција за првата награда на веќе објавениот интернационален стрип конкурс за кој рокот е 20 септември, а со тоа и објавување во ревиите „СТРИП КРЕАТОР“ И „АЛМАНАХ“, како и традиционалната стрип изложба, во средината на октомври во Велес.
Инаку, според организаторите од СЦМ-Велес оваа прва стрип колонија „Велес 2018“ е еволутивен напредок во организирањето на традиционалниот стрип салон, кој секоја година се организира во средината на октомври во Велес. Воедно потенцираат дека оваа стрип колонија ќе придонесе за подолготраен активен контакт и соработка помеѓу учесниците од разни земји и понатамошна афирмација и развој на стрипот во Македонија и регионот.