Празничната вечер на Фестивалот „Охридско лето“ носи посебно музичко доживување со концертот на тројца врвни светски музичари – руското трио Крилов, Лугански, Књазев.
Виолинистот Сергеј Крилов, виолончелистот Александар Књазев и пијанистот Николај Лугански на сцената на катедралната црква „Света Софија“ ќе настапат со дела што за камерно трио ги има напишано Јоханес Брамс.
Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето се квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните виолнисти на денешницата. Крилов е редовен гостин во неколку големи институции, во кои соработува со многу водечки светски оркестри. Покрај останатите истакнати личности со кои работел, пријателството со Ростропович е од особено значење во неговиот уметнички живот.
Сергеј Крилов често се појавува во двојна улога – како солист и диригент, изведувајќи широк репертоар што се протега од барокот, па се до современата музика. Тој е исто така и посветен камерен изведувач, во партнерство со уметниците Денис Мацуев, Николај Лугански, Бруно Канино, Борис Березовски, Јуриј Башмет, Максим Рисанов, Александар Књазев и многу други. Има издадено компакт-дискови во соработка со најпознатите издавачки куќи (ЕМИ, Дојче грамофон, Сони класик).
Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката. Соработувал со извонредни диригенти, а на полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет.
Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот пришто соработувал и со некои од најзначајните оркестри.