Проектот ,, Светлината во наc ( The brightness in us) “, е влез во диверзитетниот свет на уметноста и размислувањата на младиот човек, преку селекција на рецентни дела од млади автори кои дејствуваат локално со своето творештво, истражувајќи и експериментирајќи со различни видови на светлосни извори.
Поврзани концептуално во една презентација на нивните погледи инспирирани од различните сегменти и ситуации во секојдневниот живот и критички насочени кон проблемите што ги создаваат брзината на севкупниот развој, промените во опкружувањето и комуникациите, како и вредности што се претопуваат во нови форми и гледишта, за да се поттикне и активира независната културна сцена, оваа група млади автори, симболично- преку светлината, како знак за промена кон подобро, кон една посигурна и посветла иднина, имаат за цел да го реализираат овој проект, истовремено и како една сугестивна желба за нови почетоци преку промени кои би требало да ја променат траекторијата на движењата и да отворат врати кон нови, свежи идеи и можности.
Овој проект, ќе ги опфати аспектите, видувањата и размислувањата на осуммина млади уметници, ентузијасти и тоа: Ана Трајковска, Ива Станковска, Ана Спасова, Игор Таневски,, Јана Николовска, Мирослав Илиќ, Симона Спирковска и Тамара Антевска, кои користејќи различни медиуми на визуелна експресија, од класичните: сликарство, преку инсталации, редимејд објекти, цртежи на фотографска хартија, па сè до видео- проекции, кои експериментирајќи ќе се обидат да ја доловат суштината на проектот- светлината во нас, онаа движечка сила што нè води, нè поттикнува и ни дава сила да одиме напред, светлината која секој поединец во себе ја носи и кон која цели. Селектираните уметници во својот творечки вокабулар користат елементи што одговараат на главниот дискурс на замислениот и однапред зададен концепт, притоа, секој од нив, разработувајќи ја темата на различни начини и од различни перспективи.
Проектот ,,Светлината во нас ( The brightness in us)“, се движи во иновативни, формалистички рамки, ги надминува конвенционалните граници на ликовното, или подобро кажано на ликовно- уметничките медиуми и има за цел да ја воздигне искреноста, вистинитоста, а сепак не претенциозната желба и мисла на младите автори, да преку творештвото го истакнат својот младешки дух, идеи и размисли кои се движат надвор од овие граници и целат кон задавање на една свежина и ослободување од моралната и духовна тензија на денешното време.
Изложбата ќе се одржи на 19.12.2018 во 20:00 часот, во Libraria e Carsise, а нејзин куратор е Ангела Витановска.