Обновата на Скопје дел од изложбата во МоМа за архитектурата од екс Југославија

Во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк беше отворена изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“, истражувачки проект кој пред очите на светската публика го претстави исклучителното модернистичко наследство од територијата на поранешна Југославија, во кое значаен дел зазема темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова.

Главен куратор е швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на Филип Џонсон одделот за архитектура и дизајн во МоМА, ко-куратор е Владимир Кулиќ и Ана Катс асистент-куратор.

– Поаѓајќи од хипотезата дека Југословенската повоена архитектура не само што не е периферна, туку е во самата суштина на модернистичкиот проект, главните куратори вниманието го насочуваат на подрачје и тема која со децении се наоѓа вон интересот на „западната“ историја на архитектура, во таа смисла недоволно истражена, „егзотична“ и речиси непозната, подеднакво за општата, но и за стручната архитектонска јавност вон границите на поранешна Југославија и нејзината непосредна околина, стои за изложбата.

За истражувачкиот проект беше формирано т.н. кураторско советодавно тело од страна на МоМА во кое беа поканети десетина истражувачи од регионот, меѓу кои и архитектите од Македонија – Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.

Покрај оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, на изложбата се претставени оригинални цртежи и скици од работата на Танге во Скопје, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на: Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова – Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ итн.

Покрај материјалот за Скопје, во делот во кои се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.

You May Also Like